Украина ќе остане без руски гас ако не плати 3,1 милијарди долари до крајот на месецот

Од:

Рускиот амбасадор при Европската унија, Владимир Чижов, порача дека Украина очекува „меѓународна поддршка“ за до крајот на овој месец да го исплати својот долг од 3,1 милијарда американски долари кон руската гасната компанија „Газпром“, јави дописникот на МИА од Брисел.

Во изјава за „Еурактив“, Чижов рече дека на средбата во Милано на 17-ти овој месец меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот украински колега Петро Порошенко, бил постигнат договор  време на зимата рускиот гас на Украина да и се продава за „средна цена“ од 385 долари за илјада метри кубни.

Како што е познато, Москва го пресече дотекот на гас за Украина во јуни годинава, откако не успеа да обезбеди договор за неплатените сметки и за цената. Според некои проценки, на укрианската држава ќе и недостасуваат најмалку пет милијарди метри кубни гас за време на зимата, ако Русите го запрат енергенсот. Без увоз на гас од Русија, Украина може да доживее хуманитарна катастрофа, порача неодамна идната шефица за надворешна политика на Унијата, Федерика Могерини.

Москва, исто така предупреди дека ако Киев го краде рускиот гас што транзитира преку неговата територија во Западна Европа, тоа ќе предизвика Русите да ја запрат дистрибуцијата на гас преку Украина.

Според амбасадорот Чижов, договорот од Милано предвидува Украина да плаќа 385 американски долари за илјада метри кубни гас до крајот на март, иако досега „Газпром“ и наплаќаше по 485 долари.

Поради несогласување околу цената, Русија и Украина го ставија прашањето пред Арбитражниот трибунал во Стокхолм, институција за меѓународна арбитража за договори поврзани со Стопанската комора на Шведска. Исто така, друг елемент на договорот постигнат во Милано е дека Украина ќе мора да му плати на „Газпром“ околу 3,1 милијарди долари до крајот на овој месец.

Оваа сума, како што објаснува Чижов, вклучува долгови од ноември и декември лани и од вториот квартал од оваа година, сума што, според него, за никого не е спорна.

– Единствениот проблем за украинската страна е да ги најде тие пари и за тоа тие очекуваат меѓународна поддршка од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и други извори, изјави Чижов.

Европската комисија, денеска е домаќин на уште една средба на министрите за енергија на Украина и Русија, Јуриј Продан и Александер Новак со цел да се помогне да се решат споровите и да се избегне повторување на гасната криза од јануари 2009 година, кога голем број на земји од Европската унија, но и од Западен Балкан останаа во студ.

Украина беше и на агендата на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ кои се состанаа вчера во Луксембург, при што во заклучоците на Советот на Унијата беше испратен апел до Украина и Русија да се постигне договор со цел да се заштити безбедноста на испораките на гас во текот на зимата, но документот не упатува на тоа кој ќе плати за гасот.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Напад со дронови во рускиот град Казан

А1он

МНР: Погодена е и зградата каде се сместени шест амбасади, меѓу кои и на Македонија

Горан Наумовски

Пожар во притвор во Русија: Има мртви

Руските сили за воздушна одбрана соборија 36 украински беспилотни летала во текот на ноќта

Ракетен напад врз Киев, најмалку две лица повредени, пожари на повеќе локации

Сијарто: Зеленски започна грда кампања против Унгарија во последните денови

Горан Наумовски