Делчевските ресторани, кафулиња и други угостителски објекти ќе бидат ослободени од плаќање комунална такса за користење на јавна површина пред деловните објекти. Ова го најави делчевскиот градоначалник Горан Трајковски кој истакна дека со цел ублажување на состојбата во угостителскиот сектор поради КОВИД-19, подготвува ваква иницијатива која ќе му биде предложена на делчевскиот Совет на првата наредна седница.
– Како градоначалник со мојот тим разгледуваме мерки со кои би можеле да излеземе пресрет, најпрво, на една од најпогодените гранки, а тоа е угостителството. Засега, би сакал да истакнам дека ќе иницирам до Советот на Општина Делчево да се донесе одлука со која ќе ги ослободиме фирмите од угостителската дејност во Делчево од плаќање комунална такса за користење јавна површина пред деловен објект. Ценам дека оваа мерка ќе биде добредојдена и заедно со мерките што ги презема Владата, ќе може да се санира состојбата во овој сектор и да нема отпуштања од работа. Во овој тежок момент тоа е клучно, истакна Трајковски.
Ослободување од комунална такса за користење јавен простор е предвидено и за беровските угостители.
– Општина Берово изврши корекција и целосно ослободување од комуналната такса на угостителските објекти што имаат договор за закуп на јавни површини пред деловни субјекти. Одлуката како што информираат надлежните е во согласност со позитивните законски одредби за ублажување на состојбите во угостителскиот сектор. За таа цел како што додадоа, мерката ќе важи од почетокот на затворањето на објектите и ќе трае се до нејзиното укинување и нормализирање на состојбата, информираа надлежните.
Мерката како што додадоа се однесува и на сите угостителски објекти кои вршат подготовка и продажба на храна кои во исто време можат да работат, без посета на потрошувачи (гости) и да остваруваат продажба на алтернативен начин (преку онлајн нарачки, телефонски нарачки и сл.) и да вршат достава или да овозможат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект (преку штанд, пулт и сл).
Додаваат дека иницијативата е со цел да се помогне, да се надмине ситуацијата со КОВИД 19 вирусот која жестоко удира врз економските субјекти и здравјето на граѓаните.