Туристичките потенцијали на Балканот, со фокус врз Република Македонија, беа презентирани во Стокхолм пред 50-тина шведски туроператори и новинари од специјализирани магазини за патување.
Интересот за Македонија е значително зголемен и сега е моментот да се донесе светот во убавата Македонија, посочи Наташа Флодин, генерален директор на „Травел колекшн“.
Скандинавските земји претставуваат приоритет за Македонија и во таа насока се бројните активности што Амбасата и македонската Влада ги преземаат во насока на зголемување на бројот на скандинавските туристи, како и за привлекување инвестиции, истакна македонскиот амбасадор во Шведска Кире Илиоски.
Македонскиот амбасадор едновремено најави дека ќе го предводи Фам-патувањето на петнаесетина најголеми шведски тур-оператори и новинари во Македонија.
На презентацијата присуствуваа и амбасадорите на соседните балкански земји, при што беше поздравена идејата заеднички да се претстават туристичките можности на регионот.
– Преку обраќањето и инвестициските поволности што се нудат, успешно беше пренесена пораката за добредојде до членовите на овој особено значаен клуб и веќе добивме барања за организирање на прес-патување во Македонија и регионот, истакна Гисле Дуеланд, регионален маркетинг-менаџер на „Туркиш еарлајнс“ за скандинавските земји.
Присутните на настанот имаа можност да вкусат македонско вино од винарската визба „Тиквеш“ и турски специјалитети.