На денешната прес-конференција сакаме да ја информираме јавноста и земјоделците околу постигнатиот договор за откупот на лебното жито од реколтата 2025. На почетокот сакам да истакнам дека имаме зголемени површини засеани под пченица и јачмен. Согласно првичните информации кои пристигаат од терен, имаме зголемен принос по единица хектар и квалитет кој исто така е во одлична кондиција, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Министерот информираше дека Министерството одржа серија на состаноци со потсекторската група, со претставници на земјоделски здруженија и претставници од мелничко-пекарската индустрија.
„Она што сакам да ги информирам земјоделците и сите оние кои ќе имаат наредниот период предавање на пченица од реколтата 2025-та година – согласно приносот и квалитетот оваа година, мелничарите ќе ја откупуваат пченицата од прва и втора категорија во прва категорија, затоа што квалитетот, како што потенцирав, е одличен. Откупната нето цена за пченицата ќе биде 12 денари, плус дополнителните трошоци кои следуваат”, појасни министерот Трипуновски.
Тој смета дека со зголемената количина и оваа откупна цена која за разлика од минатата година е зголемена, е стимул за земјоделците. Министерството и Владата се грижат трудот на македонскиот земјоделец да биде вреднуван.
„Очекувам дека жетвата во наредниот период ќе заврши во најдобар тек”, додаде тој.
Министерот посочи дека тенденцијата на Министерството е да се стигне до нивото на производство кое ќе ги задоволи домашните потреби.