Трајковски: Затворени 10 маркети, нерегистрираните трговци да се регистрираат најдоцна до 15 октомври

Од:

Од 19 септември, кога е донесена првата владина Одлука за намалување на цените, направени се над 550 надзори, издадени се преку 32 платни налога и изречени се казни во висина од 6,320 милиони денари. Казните се за непочитување на Одлуката, но и за примена на нечесни трговски практики, а се постапува согласно Законот за заштита на потрошувачите, соопшти денеска директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Горан Трајковски и информира дека се затворени 10 маркети: во Скопје, Куманово, Кичево, Гостивар, Кавадарци, Тетово и Струга.

Како што истакна Трајковски на прес-конференција, меѓу овие десет маркети нема ниту еден од оние пет што беа првично затворени.

Директорот на ДПИ повтори дека до намалените цени на производите треба да стои ознаката „гарантирана цена“, а до оние, дополнителните, што се самоиницијативно поевтинети од маркетите, треба да има соодветната ознака која тоа јасно го покажува.

Тој апелира до сите нерегистрирани трговци, да се регистрираат најдоцна до 15 октомври зашто потоа, најави, ќе следуваат засилени контроли.

-Изминатите 10 дена се уверивме дека секој што не ја почитува владината мерка ќе биде казнет, а секој што ќе применува нечесни трговски практики ќе биде затворен и тука нема да има компромис за никого. Така ќе биде и во иднина, нема да има компромис и ќе биде казнет секој што нема да ги почитува мерките и одлуките на Владата, а оној што ќе го повтори прекршокот ќе биде затворен на подолг временски период, подвлече директорот.

Целта на ДПИ, повтори Трајковски, не е компаниите да бидат затворени, туку да се почитуваат одлуките.

-Сите овие одлуки се донесени во корист на граѓаните. Сите сме свесни дека и првичните одлуки не се применуваа и дека паричните казни не беа добра практика. Временскиот период од пет дена што го имаа да се прилагодат, а тоа се големи трговци, е доволен и убеден сум дека можеа да си ги исправат грешките. Нема да оставиме простор за непочитување на одлуката, ниту ќе дозволиме потрошувачите да бидат доведувани во заблуда. Не е фер, кој било од граѓаните да се појави во некој маркет и да види, на пример, дека цената на јогурот е 109 денари пред донесување на одлуките, но дека е иста и потоа, по донесувањето на одлуките, а има ознака „гарантирана цена“. Со тоа се доведува во заблуда грашанинот/потрошуваќот и како што реков, компромис нема да правам за никого, нагласи директорот на ДПИ.

Во однос на нерегистрираните трговци, напомена дека ако по 15 октомври се забележи трговец кој врши дејност нерегистриран, ќе има казни и ќе се одзема стоката.

-Не е во ред во денешно време да се биде нерегистриран, а не е ниту фер кон оние што редовно плаќаат данок и секакви други дополнителни давачки. Или сите заедно ќе градиме правичен систем, а оние кои не сакаат да бидат дел од тој систем, ќе бидат казнети без селекција и без компромис по сите закони по кои постапува ДПИ, рече Трајковски.

На новинарско прашање околу недостигот на некои производи во маркетите, како јајцата, а претходно и месото, како што пријавуваа потрошувачи, Трајковски рече дека трговците треба да кажат ако имаат проблем со снабдувачите за Инспекторатот да реагира.

-Снабдувачите, односно оние што вршат трговија големо, ќе бидат посетени и ќе се види дали должноста од 70 проценти ја исполнуваат. Некаде можеби се потрошиле залихите, па трговецот немал испланирано нова нарачка, но мислам дека тој проблем е решен, ако го имало некаде и во моментов секаде се доставени јајца по маркетитие и овој производ го има, нагласи Трајковски.

Тој потсети дека телефонскиот број 02/191 за пријавување нерегуларности функционира 24 часа, секој ден во неделата.

За регулирањето на пазарите, Трајковски рече дека ДПИ не е надлежен.

-Но, јас сум убеден, ако заедно со Министерството за економија најдеме начин како да функционираме и да постапуваме, ДПИ ќе постапи и на пазарите, дециден е директорот.

Би можело да ве интересира

Пазарна се закани со казни за сите што ќе работат утре: Исклучок се фирмите кои не можат да го запрат производството

Орце Костов

Синдикат на ДПИ: Во дел од образовните установи се вработуваат лица на водечките позиции кои не се квалификувани

Горан Наумовски

Трајковски: ДПИ издаде две решенија за затворање на маркети

Дел од маркетите ги зголемиле цените, Пазарен инспекторат ќе проверува дали купувачите се доведени во заблуда

Орце Костов

Трајковски: Секој кој применува нечесни трговски практики, ќе биде санкциониран

Пазарен инспекторат: Граѓаните да бидат спокојни, ќе бидат казнети оние што не ја почитуваат гарантираната цена

Орце Костов