Трајковски: Даночна амнестија за вратените заштеди од Кипар

Од:

Директорот на Управата за јавни приходи Горан Трајковски денеска изјави дека неговиот предлог за даночна амнестија на заштедите во странските банки станува атрактивен, особено по последните случувања во Кипар.

– Факт е дека законот за одданочување на депозити, Кипар го прави како неатрактивна дестинација. Она што го промовирав пред неколку години, односно можноста за даночна амнестија на нашите резиденти да го вратат капиталот во Република Македонија станува атрактивна затоа што Кипар нема да биде единствено решение. Ова ќе биде само почеток на она што ќе се случува во Европската унија како појава, истакна Трајковски.

Одговарајќи на новинарско прашање оцени  дека македонскиот банкарски систем е солиден и тој треба да биде предизвик не само за македонските резиденти кои по пат на амнестија би го вратиле капиталот, туку и за коминтентите на странските банки да ги донесат заштедите во Македонија.

– Јасна е определбата на Владата дека нема да има нови даноци и зголемување на постојните, рече Трајковски.

Според професорот Зоран Ивановски, она што го прави во моментот Кипар со одданочувањето на заштедите од 10 проценти е резултат на состојбите и статусот на земјата и работењето на добар дел од кипарските банки надвор од регулираните банкарски процеси.

– Ова е преседан кој одеднаш ги прави дел од штедачите во кипарските банки значително посиромашни и тие губат од 7 до 10 проценти од своите заштеди и на тој начин ја сервисираат обврската по основ на заеми на кипарската Влада. Тоа е преседан кој може да има ефекти на банкарството и на штедачите и во други земји кои потенцијално може да се соочат со проблеми коишто ги има Кипар, истакна Ивановски.

Тој се надева дека ваквиот преседан нема да влијае на навиките на штедачите во Македонија затоа што државата е далеку од таква состојба каква што е онаа на Кипар.

– Она што можеме да го извелечеме како порака е дека и Европа е веќе заморена, особено Германија и несака нејзините даночни обврзници да го поднесуваат товарот на некои економски нерационални политики на други земји членки на ЕУ. Тоа е една порака дека сите земји треба да имаат нормална фискална и монетарна политика рационална со заемите земени од други земји, смета Ивановски.

Кипарската Влада одлучи да воведе данок од 6,75 отсто за сите кои имаат до 100.000 евра во тамошните банки, а од 9,9 отсто за оние со заштеда поголема од 100.000.

Би можело да ве интересира

Поради зголемен прилив на ДДВ-04 пријави, системот Е-даноци работи забавено

УЈП очекува детали од Министерството за финансии за најавеното намалување на даноци

Констатирани неправилности кај шест даночни обврзници во општина Виница

ВМРО-ДПМНЕ: Парите што се краделе од СДС и ДУИ сега завршуваат во буџетот

Петрова ја презеде директорската функција во УЈП

Елена Петрова нов директор на УЈП, Бобан Николовски на Царинската управа