Проширувањето на автоматизацијата неминовно ќе внесе одредени промени на пазарот на трудот, пред сè со укинувањето на мануелните работи кои во иднина ќе може да ги извршуваат машини. Тоа ќе придонесе и за зајакнување на свеста кај луѓето за потребата од човечката креативност и посебни вештини.
CareerBuilder, глобална платформа за поврзување на работната сила и работодавачите објави истражување на американскиот пазар на труд за кој прогнозира дека во следните пет години ќе вработи осум милиони луѓе. Најголем раст кај вработувањата ќе се оствари во високоплатените дејности (5,7 отсто), потоа во нископлатените дејности (5,6 отсто), а бројот на вработувањата во дејностите со средни примања ќе порасне за 3,8 отсто.
Меѓу добро платените занимања најбарани ќе бидат сметководител(к)ите, но само во блиска иднина затоа што во подалечна иднина се очекува тие да бидат заменети со компјутери. Исто така ќе има зголемена побарувачка за наставниц(чк)и, истражувач(к)и на пазарот, во секторите за компјутерска поддршка и за водоинсталатер(к)и.
Што се однесува до занимањата кои се средно платени, во САД во следните години би можеле да бидат отворени 50 000 работни места за доставувач(к)и. Голема ќе биде побарувачката и за градежни работници, кадри кои одржуваат разни машини, медицински сестри и струки од финансискиот сектор.
Меѓу послабо платените професии, ќе има зголемена побарувачка за трговци, готвач(к)и, негувател(к)и, работници во обезбедување и рецепционер(к)и.