Тевдовски и Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон

Од:

Делегација предводена од министерот за финансии Драган Тевдовски и гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска-Бежоска, учествува на редовните Пролетни средби на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон.

Министерството за финансии соопшти дека предвидено е делегацијата да оствари средби со високи претставници на Светска банка, Меѓународниот монетарен фонд, Европската инвестициска банка и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ). Во рамки на средбите закажани се состаноци со заменик-претседателот на Светска банка за Европа и Централна Азија Сирил Милер, со директорот на СБ за Западен Балкан, Линда Ван Гелдер, со извршниот директор на Светска банка за Конституенцата во која е Северена Македонија Кун Дејвитсе, со Пол Томсен, извршен директор на ММФ за Европа и шефот на мисијата на ММФ за Македонија Џесмин Рахман.

Во фокусот на разговорите ќе бидат тековната и идната соработка на Македонија со овие меѓународни финансиски институции. На овие состаноци, меѓу другото ќе се говори и за финансискиот и банкарскиот систем, како и воопшто за финансиската стабилност на земјава. Делегацијата ќе оствари средба и со потпретседателката на ИФЦ за Латинска Америка, Карибите, Европа и Централна Азија, Георгина Бејкер.

Од Народната банка информираат дека постигнатите резултати од досегашната успешна соработка меѓу нашата централна банка и ММФ, подетално ќе бидат анализирани и на состаноците што гувернерката Ангеловска-Бежоска ќе ги оствари со раководителите на неколку дирекции на оваа меѓународна организација, вклучително и дирекциите за статистика и за монетарни и капитални пазари. Ќе се дискутира и за можностите за поддршка од ММФ за дополнително унапредување на работата на Народната банка, преку техничка и советодавна соработка во сферата на стандардите за статистичко известување и на моделите за економско проектирање.

На состанокот со потпретседателот на ЕИБ, Андре Мекдовел и со генералниот директор на ЕИБ за кредитни операции, Жан-Кристоф Лало ќе биде склучен меморандум за соработка меѓу Народната банка и ЕИБ во спроведувањето на Анкетата за кредитна активност на ЕИБ за земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.

Како претставник на шесте земји од регионот што сѐ уште не се членки на Европската Унија, гувернерката Ангеловска-Бежоска ќе учествува и на состанокот на надзорниот одбор на Виенската иницијатива 2 што ќе се одржи во рамки на Средбите во Вашингтон.

Пролетните средби на ММФ и СБ се одржуваат секоја година и на нив учествуваат гувернерите на централните банки и министрите за финансии на земјите членки. Редовно, во дискусиите на Средбите, акцентот е ставен на актуелните случувања во светската економија и на важни теми како што се поттикнувањето на економскиот раст, намалувањето на сиромаштијата и промовирањето одржлив и инклузивен економски развој за сите целни групи во општеството.

Би можело да ве интересира

Комитет за финансиска стабилност: Финансиската стабилност е задржана

Раст и на депозитите и на кредитирањето, граѓаните најмногу земаат потрошувачки и станбените кредити

Економскиот раст годинава 2,3%, инфлацијата 3,5% проектира Народна банка

Состанок со Одделот за статистика на ММФ: Народната банка бележи континуиран прогрес во областа на статистиката

Димитриеска-Кочоска на средби во ММФ – Го стабилизираме управувањето со јавните финансии, фокусот е на дисциплинирано буџетско трошење, ефикасно прибирање на приходите и економски раст

Средби со ММФ: Народната банка придонесува за успешно одржување на макроекономската стабилност