Студентите барат решенија за енергетска ефикасност и одржлив развој

Од:

Енергетската ефикасност и одржливиот развој се светски актуелни прашања за кои, секојдневно, се развиваат нови и иновативни решенија. Ова е темата на која од денеска до сабота ќе се дебатира на Втората студентска конференција „Енергетска ефикасност и одржлив развој“ што се одржува под покровителство на  Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

Целта е, велат организаторите, на едно место да се обединат студентите, претставниците од академската средина и компаниите кои се занимаваат со енергетската ефикасност и одржливиот развој за да се овозможи научно-истражувачка работа.

– Преку конференцијата ќе се овозможи развој на научни вештини и компетенции за истражување на студентите, кои ќе придонесат за оформување поквалитетни академски кадри во областа на енергетска ефикасност и одржливиот развој, рече проф. д-р Миле Станковски, декан на ФЕИТ.

Според него, областите кои се обработуваат на конференцијата опфаќаат нови технолошки решенија за актуелните проблеми како глобалното затоплување, прекумерното загадување и недостатокот на ресурси.

– Преку оваа конференција сакаме да ги промовираме новите технологии и методи за енергетска ефикасност и одржлив развој преку активно вклучување на студентите од ФЕИТ и другите факултети во истражувањата и примената на обновливите извори на енергија, енергетски ефикасните уреди и материјали, како и нивна примена во градежништвото, архитектурата, земјоделството и други сектори кои се во функција на одржливиот развој, истакна проф. д-р Маргарита Гиновска од ФЕИТ.

Конференцијата е организирана со поддршка на МАКО СИГРЕ и Македонската секција на ИЕЕЕ. На неа со свои трудови и презентации учествуваат студенти, додипломци и постдипломци, претставници од академската средина, како и компании кои во текот на своето секојдневно работење имплементираат методи поврзани со енергетската ефикасност и одржливиот развој.

Би можело да ве интересира

Бостонската полиција уапси 100 студенти на протестите против војната во Газа

Студентски бунт во Америка, 100 академици уапсени во Колумбија

Студентското собрание го презентираше Студентскиот манифест – неопходно е општествените чинители да се запознаат со итноста од преземање на мерки

Имате стипендии на сметките, не дозволувајте манипулации им порача на студентите министерот Шаќири

Студентите си ги бараат неисплатените стипендии, ќе протестираат пред Министерството за образование

Ректоратот бара, МОН ветува дека нема да се зголеми партиципацијата за студентите

Орце Костов