Собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска го прифати Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост, по скратена постапка, поднесен од пратеникот Малиша Станковиќ.
Предлагачот на законот Станковиќ истакна дека се анулира и најмалата можност странски физички или правни лица да можат да се стекнат со државно земјоделско земјиште во Република Македонија.
– Во првиот член се забранува со земјоделското земјиште во државна сопственост да не може да се стекнат странски физички и правни лица ниту на посреден начин, преку сопственост на удели и акции во процент поголем од 49 отсто. Со право на сопственост на земјоделско земјиште, за кој е склучен договор за купопродажба со Министерството, а врз кој е засновано право на залог, во постапка на извршување заради намирување на побарување на заложен доверител може да се стекнат само правни и физички лица кои ги исполнуваат условите за стекнување со право на сопственост на земјоделско земјиште во државна сопственост, предвидени со овој закон, појасни Станковиќ.
Во случај на продажба на акции или удели, без разлика на се, доколку надмине 49 отсто, договорот за купопродажба на земјоделско земјиште е ништовен.
Ставот на опозициската СДСМ го пренесе пратеникот Панче Орцев, кој рече дека пратеничката група ќе ги поддржи измените на законот.
– Ние сме изричито против продажбата на државно земјоделско земјиште и сметаме дека државата треба да го задржи овој ресурс, изјави Орцев.
За измените на законот, кој ќе се носи по скратена постапка, немаше поднесено амандмани, а тој е на дневен ред на 72. седница на Собранието, која што е во тек.