На истиот начин, како што секој ден се известува за бројот на новозаболени, починати или оздравени лица од корона вирусот, да се известува и за тоа кои економски мерки се расположливи во моментот и како се користат, предлага Стопанската комора на Македонија.
Оттаму денеска порачаа дека со поголема транспарентност ќе се дојде до поточни заклучоци за економските мерки за надминување на кризата.
Во јавноста, укажуваат во соопштението од Комората, е присутна континуирана расправа за тоа дали и колку досега донесените економски мерки на Владата им помагаат на компаниите. За полесно да се донесе релевантна оценка за ова прашање комората предлага информациите поврзани со економските мерки да се систематизираат на истиот начин на кој се систематизирани информациите за здравствената состојба на граѓаните погодени од корона вирусот. Всушност, нагласуваат, примената на исто ниво на транспарентност би се покажала многу корисна во даденава ситуација.
– Ова значи, на истиот начин, како што секој ден се известува за бројот на новозаболени, починати или оздравени лица од корона вирусот, да се известува и за тоа кои економски мерки се расположливи во моментот и како се користат. Би се известувало за бројот на поднесени и одобрени барања за користење на секоја поединечна економска мерка и збирниот ефект од нивното користење. Накусо кажано, ваквата транспарентност ќе овозможи увид во тоа која мерка како се реализира, наведува Стопанската комора.
Според комората, со таква добра аналитичка основа за степенот на искористеност на расположливите економски мерки, комбинирана со прецизен мониторинг на дневна основа, ќе биде многу полесно да се носат навремени и релевантни заклучоци за самите мерки и за евентуалната потреба од нивно дополнување, менување и слично.