Стопанска комора: Штетни се изјавите на некои пратеници за дозволениот увоз на тутун

Од:

Здружението на производители на тутун и тутунски производи при Стопанската комора на Северна Македонија ги смета за штетни изјавите во јавноста според кои увозот на тутун го загрозува откупот на домашното производство.

Комората потсетува дека откупните компании во земјава пред почетокот на секоја сезона склучуваат договори со производителите на тутун и согласно Закон се обврзани да го откупат договореното количество суров тутун во лист.

-Досега, не само што немало случај договорените количества да останат неоткупени, туку напротив, откупните компании ги откупувале и вишоците тутун за кои немало договори, а кои производителите не ги пријавиле и не склучиле договор со откупувачите. Според тоа, невозможно е да остане домашниот тутун неоткупен за сметка на увезениот кој не е од истите сорти и типови што се произведуваат во земјата. Увезениот тутун, кој служи за доработка на домашниот, се преработува во домашните откупни компании за потоа целосно да се извезе на странски компании – производители на цигари и други тутунски производи. Компаниите вршат увоз за доработка и повторен извоз, при што се остварува девизен прилив во Република Северна Македонија, објаснува Комората.

Според Стопанската комора, откупните претпријатијашто вршат откуп на тутун во земјава имаат законско право да увезат необработен тутун за да ги дополнат своите капацитети за доработка.

-Согласно новиот Закон за тутун, производи од тутун и сродни производи точно е дефинирано кој има право да врши увоз. Тоа можат да го прават единствено лиценцирани компании. Притоа, мора да се потенцира дека овој тип на увезен тутун не се произведува кај нас и не влијае воопшто врз откупот на тутун во нашата држава. Домашните производители на цигари имаат потреба од типови тутун кои не се произведуваат кај нас, а се потребни за производство на цигарите. Денес, современата бленд цигара содржи најмалку осум типови тутун во мешавината. Не постои ниту една земја во светот или компанија која се стреми да ги произведе сите видови тутун потребни за производството на цигарите. Во земјите кои истовремено се производители на тутун и цигари, производството на тутун е ориентирано кон оние типови на тутун кои најуспешно и најпрофитабилно можат да бидат произведени во дадените околности, наведува Комората.

Воедно нагласува и дека годинашниот откуп на суров тутун во лист од реколтата 2020 засега се одвива без никакви проблеми. Откупени се, како што информира Комората, скоро половина од договорените количини по просечна цена од речиси 200 денари за килограм.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Филипче: Нови субвенции за тутунопроизводителите по 6.000 денари за секој хектар тутун

Бектеши: За уште 35 денари се зголемува откупната цена на тутунот, носиме одлуки во интерес на тутунарите

Откупувачите ги потпишаа анексите со зголемена цена на тутунот, откупот веднаш се интензивираше

Во Прилеп се очекува да се интензивира откупот на тутунот

Николовски: Очекувам цена до 400 денари за тутун од прва класа и минимум за 20 отсто повисоки откупни цени за годинава

Стомнароски: Откупот на тутунот нема да почне без зголемени цени