Рамката на прогресивниот данок поставена на 1.500 евра удира и по најдобрите странски експерти кои многу тешко можеме да ги обезбедиме, а во делот на издавањето работни дозволи условите се толку катастрофални што лицата дојдени однадвор да помогнат, се чувствуваат како илегалци. Ова се двата клучни проблема на кои странските инвеститори постојано сигнализираат, рече денеска на прес-конференција претседавачот на Собранието на Стопанската комора на Македонија, Антони Пешев.
Меѓу предизвиците за компаниите остануваат и потребата од владеење на правото, честата промена на законите, како и немањето потребен стручен кадар.
Мала економија како нашата, напомена Пешев, мора да биде пофлексибилна и мора да пости гаранција дека судството работи.
-Данокот на личните доходи кој се менуваше, најчесто ги погодува најдобро платените експерти кои доаѓаат од странство. Независно дали е низок или рамен, не треба да го правиме според нашите перцепции за многу или малку. Треба да имаме предвид дека луѓето што имаат странски инвестиции тука и се платени од македонските компании, ако не се под посоебн режим, данокот го плаќаат според наши стандарди и секое зголемување во тој дел, директно им се одразува. Кога ќе кажете дека ќе ја поставите рамката на прогресивен данок на 1.500 евра, значи дека сите до еден ги опфаќате зашто нивниот просек на примања се однесува на земјите од каде што дошле. Клучно е да се разбере, дека тој данок директно ги „удира“ обично „топ“ експертите кои не можеме лесно да ги обезбедиме тука, истакна Пешев на прес-конференција во Комората на која тема беше македонско-италијанската соработка.
Според него, ние сме една од најтешките држави во однос на визниот режим за луѓето што работат тука. Инвеститорите минуваат низ исклучително тешки процедури и тоа е сигинализирано од нивна страна.
-Ние тоа секогаш го покриваме со некакви глупави објаснувања дека не сакаме да ни доаѓаат луѓе од чудни држави, но излегува дека не сакаме да ни доаѓаат луѓе од никакви држави. Всушност, не сакаме да комуницираме. Отворена, мала економија, со многу странски инвестиции како нашата треба да е подготвена за таква работа. Издавањето работни визи е многу проблематично, сите што работат на овој проблем ќе ви потврдат дека е така, потенцира Пешев.
Осврнувајќи се на честото менување на законите, претседавачот на Собранието на Комората повтори дека државава практично оневозможува предвидливост за бизнисите, а никој од инвеститорите не е дојден тука за кратко време, туку секогаш планира да остане подолго.
-Треба да внимаваме дека луѓето што доаѓаат тука, не носат пари за да си одат за кратко време. Сакаат со среднорочни или долгорочни предвидувања да знаат што ќе им се случува. Тоа ние сите овие години не успеавме да го обезбедиме поради честите промени на владејачките гарнитури, а при промените компаниите доживуваат шокови на прилагодување што дополнително им создава нервоза, но ги чини и финансиски. Исто така, сите овие години имаме деградација на чувството дека во државата постои ефикасен систем за правда, правдина и владеење на правото. Тоа секоја наредна влада ќе мора да го стави на прво место во својата агенда, рече Пешев.
Според италијанскиот амбасадор, Карло Ромео, италијанските компании се генерално задоволни од условите за водење бизнис, но имаат неколку битни забелешки, а тоа се, како што кажа Пешев, владеењето на правото и на недостигот на квалитетна работна сила. Проблем плус, додаде Ромео, се и долгите, комплицирани процедури кои не се секогаш јасни.
-Италија е голем поддржувач на Северна Македонија, а нашите компании имаат сериозен интерес за соработка. Со влезот на вашата земја во НАТО можностите ќе се прошират, посебно во делот на одбраната и безбедноста. Во моментов, тука има вкупно 130 италијански компании со реализирани вкупно 122 милиона евра инвестиции. Главно се во доменот на индустријата, машинската, металургијата и енергетиката, истакна амбасадорот.
Ромео и Пешев нагласија дека е голем потенцијалот за соработка и во дизајнот, како и во земјоделството и прехранбената индустрија.
Политичките односи меѓу двете земји се одлични, но економските, иако добри, не го следат посакуваното ниво. Изминатиот период е забележан постојан раст кој од деведестетите години наваму е зголемен три пати.
-И покрај зголемената економска соработка, учеството на италијанското стопанство во нашата размена е преполовено. Причина не е немањето интерес од италијанска страна, туку тоа што развојот на индустриските зони го дефокусира класичниот капацитет за пласман на македонските производи, рече Пешев.
Во 2019 година трговската размена со Италија изнесуваше 649 милиони евра што е раст од пет проценти во однос на 2018-та. Увозот достигна 471 милион евра или 5,9 отсто повеќе, додека кај извозот вреден 173 милиони евра, е евидентиран благ пад.