Ставрески: Заемите од Светска банка се дел од финансирањето на буџетот

Од:

Штета би било ако опозицијата не го поддржи буџетот во целина заедно со заемите од Светска банка бидејќи тие се дел од финасирањето на буџетот. На тој начин не само што ќе и нанесе штета на Владата ќе и нанесат голема штета и на земјава бидејќи 84 милиони  евра ќе платиме за повисока камата доколку користиме средства од пазарот на капитал во Европа.

Ова го изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на паузата на Конференцијата за започнување на проектот „Обука за внатрешни ревизори во јавниот сектор“ (TAIPS) во одговор на новинарско прашање.

Верувам, потенцира, дека опозицијата уште еднаш ќе ги разгледа аргументите зошто идните генерации да плаќаат 84 милиони евра е непотребно, доколку заеднички можеме да и ги заштедеме на државата и да ги искористиме за друга подобра намена.

– Ситуацијата е сериозна. Буџетот  е најважниот документ за државата и за функционирањето на  јавниот сектор. Досега од расправата на Комисијата за финансирање и буџет нема простор за голем оптимизам, бидејќи евидентна беше намерата преку долги дискусии да се закочи донесувањето на буџетот и финансирањето со проектите од Светска банка. Сметам дека треба да се има одговорност и апелирам до СДСМ и до опозицијата  да смогнат сили и да на го кочат буџетот и да дозволат да се води здрава дебата без одолговлекување на дискусиите со цел буџетот да се донесе до крајот на годинава, рече Ставрески.

Тоа, како што кажа, е значајно прашање за Република Македонија, за финансирањето на сите категории на пензионери, социјалци, земјоделци, полицијата, војската и се друго што се финасира од буџетот, како и за стуктурните проекти.

– Мора во оваа ситуација да покажеме заедничка одговорност, како и да обезбедиме  средства за финансирање на буџетот во време кога Европа е во криза, а Македонија длабоко ги чувствува последиците. Успеавме со Светска банка да обезбедиме поддршка за задолжување по многу ниска камата. Следната година отплаќаме исто толку обврски колку што се овие кредити. Опозицијата треба сериозно да ги погледне аргументите, да се однесува на одговорен начин и да овозможи заеднички да го донесеме буџетот до крајот на годинава, потенцира Ставрески.

Посочи дека претседателот на Собранието Трајко Вељаноски вложува напори да се изнајде решение за забрзување на активностите на Комисијата. Тој, додаде, согласно Деловникот, има ингеренции да постапи на соодветен начин со цел да овозможи ефикасна работа на Собранието.

– Вкупно се поднесени 1.226 амнадмани од кои голем дел се однесуваат  за проекти и предлози кои воопшто не може да ги извршува централната власт и не се извршуваат преку буџетот бидејќи се во ингеренции на локалната власт. Не можам да шпекулирам дека тоа е координирано помеѓу опозицијата, но факт е дека Македонија е единствената земја во опкружувањето и во ЕУ во која се поднесени 1.226 амандмани за буџетот и 160 амандмани на заемот  за буџетска поддршка, рече Ставрески и додаде дека претходно Република  Македонија добила 14 идентични заеми за кои воопшто не биле поднесени амандмани.

Доколку не се донесе буџетот до крајот на годинава, нагласи, настапува времено финансирање, што е исклучителна и инцидентна ситуација за која не би било добро да се случи.

– Тоа е лош сигнал за инвеститорите и затоа апелирам до СДСМ и целата опозиција да не дозволат да не се донесе буџетот, рече Ставрески.

Би можело да ве интересира

МФ: Усвоен Буџетот за 2024 во Собранието, носи инвестиции, развој и одржливост

Пренџов: 20 години ДУИ ги поддржува сите буџети на државата, пари за автопати, мостови и граѓаните нема, ама за бизнисите на челниците на ДУИ има

Горан Наумовски

Собранието го донесе Буџетот за 2024 година

Горан Наумовски

Втор ден општа расправа по Дополнетиот предлог буџет за 2024 година

Воздухот енормно загаден, а пратениците одбиваат амандмани за Буџетот со кои ќе се намали аерозагадувањето

Орце Костов

Расправа за Дополнетиот предлог буџет за 2024, економскиот раст проектиран на 3,4 проценти, инфалацијата на 3,6