Ставрески: Со Буџетот за 2013. ќе се обезбеди економски раст и редовна исплата на плати и пензии

Од:

Од почетокот на годината до крајот на септември реализирани се приходи во буџетот од 103.018 милиони денари, а на расходната страна 118.861 милиони денари. Обезбедена е редовна исплата на платите, пензиите, социјалните надоместоци, зголемени капитални инвестиции, зголемени субвенции…Дефицитот е 3,2 проценти од БДП или 15.843 милиони денари.

Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески образложувајќи го предложениот ребаланс на Буџетот за 2013 година.

Тој истакна дека станува збор за мал ребаланс кој ја опфаќа само расходната страна. Се предвидуваат реалокација на средства во делот на платите по основ на корекции, но не се менува предвидниот износ, потоа се предвидуваат дополнителни средства во Фондот за ПИОМ и во Министерството за образование и наука.

Според министерот Ставрески и реализацијата на буџетот и на економската политика во изминатите девет месеци од годинава се одвиваше во позитивна динамика и овозможи економијата да оствари позитивни резултати.

– Македонската економија во 2013 година оствари резултати кои се подобри од она што беа очекувањата. Резултатите на македонската економија во првите девет месеци од 2013 година се подобри од повеќето земји во ЕУ, можеме да бидеме задоволни бидејќи не само што ја задржавме макроекономската стабилност, туку имаме и солидни резултати во сите главни макроекономски параметри, вклучително растот на економијата, странските инвестиции, извозот, вработеноста, невработеноста и се она што е значајно за економската состојба во државата, истакна Ставрески.

Посочувајќи ги податоците за растот на економијата во првите два квартали во годината, посочи дека просечниот раст во првите шест месеци е 3,4 проценти, што е четврто најдобро остварување во Еропа.

– Само Латвија, Турција и Исланд имаат подобар раст од Македонија во првите шест месеци од годинава. Значи, ова остварување покажа дека политиките кои го поддржуваат овој економски раст се правилно поставени. Во основа сите оние мерки и активности што ги презедовме во изминатите години, како и Буџетот кој го усвои Собранието за 2013 година овозможија да се оствари оваа висока стапка на економски раст имајќи предвид дека во исто време во европската економија во првите шест месеци од 2013 година имаше пад на економијата, истакна министерот.

Охрабрувачки за него е што овој раст произлегува од повеќе сектори, а најмногу се должи на растот во градежништвото, индустријата, извозот, а придонесоа и сообраќајот, земјоделството и други сектори.

– Растот на економијата не е движен од потрошувачката туку од бруто инвестиции кои имаа пораст од 9 проценти во првиот квартал и седум во вториот квартал. Најздраво е ако тој произлегува од бруто инвестиции, а голема е поддршката што е овозможена и преку буџетот, рече вицепремиерот.

Според него, во најголема мерка растот се должи на порастот на градежништвото кое во првиот квартал имаше стапка од 36,8 проценти, а во вториот 33,2 проценти. Тоа, додаде, се исклучително високи стапки на раст кои се незабележани за градежната активност во која било европска земја, каде поради репресивните политики што таму ги спроведуваат се негативни. Во Македонија не само што тоа има позитивни стапки на раст, туку има исклучително висок двоцифрен економски раст.

Посочи дека странските инвестиции во првите седум месеци достигнаа 130 милиони евра и оти се за 41 процент повеќе во однос на минатата година.

Според него, сето ова придонесе кон намалување на стапката на невработеност, која во вториот квартал е на историско најниско ниво од 28,8 проценти.

Министерот Ставрески се осврна на задолженоста на државата посочувајќи дека со 33,8 проценти од БДП на крајот на вториот квартал е една од најниско задолжените во Европа.

– Ние опстоивме на она што го ветивме дека Македонија ќе остане најниско задолжена во Европа и дека Република Македонија нема да биде вовлечена во должничката криза како што им се случи на сите други земји, истакна министерот додавајќи дека Република Македонија е четврта најниско задолжена земја во Европа и така е предвидено и со ребаланост и со буџетот за 2014 година.

Според министерот за финансии фактот кој помогнал во остварувањето на резултатите е процесот на раздолжување на државите кон фирмите што беше вградено во овој буџет и е реализирано.

– 92 милиони евра завршија кај македонските компании кои ја помогнаа ликвидноста на домашните фирми и тоа овозможи фирмите да ги искористат за инвестиции, за отплата на кредити. Таа политика на навремено плаќање на фактурите и поврат на ДДВ и денес се реализира, а и ќе продолжиме, рече министерот додавајќи дека тоа е една од причините за нивото на буџетскиот дефицит кој со крајот на септември е 3,2 проценти од БДП.

Осврнувајќи се на приходната страна рече дека даночните приходи се реализирани на ниво од 57.390 милиони денари, приходите од социјални придонеси се 30.842 милиони денари. Кај неданочните приходи од административни и судски такси се 1.310 милиони денари, капиталните приходи изнесуваат 3.053 милиони денари, кои се од дивидендата од Македонски телеком и од продажба на градежни парцели и општествени станови.

Кај расходите 16.901 милиони денари се за плати, за стоки и услуги 10.794 милиони денари, социјалните трансфери се 55.315 милиони денари.

За пензиите се исплатени 33.546 милиони денари.

– Овозможено е редовна и навремена отплата на пензиите, рече министерот Ставрески додавајќи дека со предложениот ребаланс се додаваат дополнителни 1.034 милиони денари за ПИОМ со кои се обезбедува да се покрие исплатата за зголемениот број пензионери за 6.600 во оваа година, потоа исплатата на направените индексации во јануари за 1,15 отсто, во јуни за 0,75 проценти и предвиденото петпроцентно зголемување на пензиите.

Редовно се исплаќаа и социјалните надоместоци за што се потрошени 4.384 милиони денари, потоа за здравствени услуги 15.898 милиони денари, за субвенциите на земјоделците исплатени се рекордни 5,5 милијарди денари.

Капиталните расходи што ја сочинуваат развојната компонента на буџетот и се генератор на економскиот раст и вработеноста се реализираа рекордно на 11.985 милиони денари и се за 17,8 проценти повисоки од нивото на капитални инвестиции на крајот од минатата година. Според министерот Ставрески тоа е показател за добрата реализација на политиките и се она што помогна за растот на економијата и градежништвото.

Со ребалансот превидено е дополнителни средства да добие МОН за лабораториите што дел се веќе во функција, а дел треба да бидат пуштени.

За промени кај други буџетски корисници, министерот за финансии посочи дека станува збор за дополнителни приходи што ги оствариле сами.

Во однос на растот рече дека очекуваат да биде над предвидениот, но оти со ребалансот останува проектираниот.

Во рамки на расправата по предложениот ребаланс на буџетот за 2013 година, пратениците од СДСМ најавија дека нема да гласаат по предлогот и оти немаат поднесено амандмани на текстот.

– Буџетот за оваа година е донесен на незаконски и противуставен начин. Се надевам дека нема да се повтори истата ситуација со ребалансот, рече Марјанчо Николов, забележуваќи за долг, за непродуктивни трошења, за трансфери во ПИОМ, за инвестиции во инфраструктурни и енергетски проекти.

Посочи дека власта потрошила од 2006 година седум милијарди евра и оти нема ниту 10 проценти вложено во индустриски капацитети колку што е вложено во времето на СДСМ во изградба на ХЕЦ Козјак.

Неговиот сопартиец Стојко Пауновски рече дека со предложениот ребаланс нема да се постигне ништо за подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Миле Андонов од оваа партија праша како ќе се финансира зголемениот дефицит кога досега, како што рече, има остварување на приходите од 60 проценти.

Забележа на вработувањата во администрацијата, како и за трошењата во проектот Скопје 2014.

Беким Фазлиу од ДПА во однос на предложениот ребаланс беше со критика дека се намалуваат средствата наменети за Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор и за програмата за правична застапеност.

Расправата ќе продолжи по редовната едночасовна пауза.

Би можело да ве интересира

Велковски: Со пензија под минималната и потрошувачка кошничка од 57.000 денари пензионерите едвај преживуваат

Горан Наумовски

Над 2.500 земјоделски и прехранбени производи се очекува да поевтинат со новиот закон за нефер трговски практики

Орце Костов

Велковски: Срамота е да се каже дека пет отсто е зголемување на пензиите

Работниците со ниски приходи ќе добијат 3.555 ваучери за туризам од 300 евра

Орце Костов

Субвенции за клими: За југозападна Македонија ваучери од 25.000 денари, за останатите 2000 помалку

Орце Костов

Путин: Русија ја престигна Германија и стана првата економија во Европа

Горан Наумовски