Заедничка координација на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и Управата за јавни приходи (УЈП) за регистрирање на субјектите кои немаат регистрирано фирма, a со цел намалување на сивата економија и нелојалната конкуренција се главен фокус на кој двете институции ќе соработуваат за подобрување на деловниот амбиент.
Меморандумот за соработка меѓу институциите кој го потпишаа претседателот на Сојузот Данела Арсовска и директорот на УЈП, Сања Лукаревска значи официјализирање на соработката и заедничка работа на повеќе полиња за подобрување на деловниот амбиент во земјата.
„Неформалната т.е сивата економија е еден од најголемите проблеми бидејќи оние кои учествуваат во неа неправично и незаконски ги става во повластена положба во однос на оние што си имаат регистрирано фирми и ги исполнуваат законските обврски. Според последните податоци на меѓународните организации, во земјава секоја година фирмите губат до 15 проценти од профитот поради сивата економија во сите сектори. Инспекциските служби треба да практикуваат тие што ќе ги затекнат на терен по службена должност да ги регистрираат за да се воведат во системот, да плаќаат даноци и бидат лојална конкуренција“, изјави Арсовска и појасни дека тие субјекти никаде не фигурираат, прават милионски профити на црно, а не се регистрирани и работат со готовина.
Неодмнешните анализи објавени на Сојузот покажаа дека сивата економија зема замав и е огромна нелојална конкуренција на регистрираните бизниси. Според анализите, оние кои работат без фирма во старт се повеќе од 50 проценти поконкурентни од регистрираните фирми, поради тоа што не плаќаат ДДВ, не плаќаат продонеси по основ на социјално и пензиско осигурување, тековните трошоци ги плаќаат како лица наместо да плаќаат индустриска струја и вода како регистрираните фирми, со што не само што го оштетуваат буџетот туку и нудат цени пониски и до 50 проценти кои регистриран бизнис што ги плаќа сите давачки не може да ги постигне.
Според извештајот на ОЕЦД во Република Македонија има 25% учество на сивата економија во вкупната економија, а што се потврди и во извештајот на ЕУ во кој се вели дека сивата економија останува главна пречка за бизнисот и влијае на конкурентноста на формалниот приватен сектор. Проценките за големината на сивата економија со извештајот на ЕУ се движат од 20% од вкупното производство до 40% во зависност од применетиот метод, што создава пречка за инвестиции и прави сериозни проблеми и нелојална конкуренција на регистираните компании. Просечното ниво во европските земји се движи од 12 до 15 проценти.