Претставници на здружението „Агротиквешија“ денеска на средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков истакнаа дека поради неповолните климатски услови годинава родот на грозјето ќе биде преполовен и очекуваат откупните цени да бидат поголеми од лани.
Поради високите трошоци за заштита на насадите и помалиот род цена од 13 денари за килограм за смедеревката и 15 за вранецот би била реална сметаат лозарите.
Како што информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, министерот Цветков посочи дека и оваа година во рамките на своите надлежности министерството ќе се вклучува во подршката на овој сектор и во отстранувањето на сите можни тешкоти со кои се соочуваат лозарите и винариите. Законот за винарство ќе мора да се почитува, односно винариите доколку сакаат да се вклучат во откупот не смеат да имаат долгови кон лозарите.
– Винарарските визби должници веќе го намалуваат долгот што дава оптимистички проценки дека стартот на откупот треба да биде на задоволство на двете страни. Здружението „Агротиквешија“ ги поддржа досегашните напори на министерството за решавање на долгогодишните проблеми, особено субвенциите кои, како што посочија, го сочуваа лозарството од пропаѓање, соопшти Министерството.
Министерот Цветков во текот на наредните денови ќе има средби со претставници на поголемите винарски визби, а потоа заеднички состанок со земјоделските здруженија и винарниците.