Со што Бугарија ги одбива германските пари?

Од:

Дојче Веле – Берлин

Силен дефицит на квалификувани кадри, правна несигурност, корупција: кој знае по кој пат германските инвеститори ги посочуваат тие три фактори како главни пречки за нивните бизниси во Бугарија. Кажуваат ли нешто позитивно?

Оценките за привлечноста на Бугарија како место за инвестиции се значително понепријатни од просечните показатели во регионот на Централна и Југоисточна Европа, во кои влегуваат 16 држави – десет еврочленки и шест земји од Западниот Балкан.

Во овогодинешната анкета меѓу здруженијата на германските претприемачи во регионот, учествувале вкупно 1,754 фирми, а оценките кои нивните претставници ги дале за бизнис климата во посочените држави ја ставаат Бугарија на 10-то место по атрактивност како дестинација за нови капитални вложувања – далеку зад одличните Естонија и Полска.

Позитивни моменти

Трговијата е неспорно најуспешната сфера во бугарско-германските стопански односи. Минатата 2016 година заврши со нов рекорд во билатералната трговска размена, чие годишно ниво достигна фантастични 6,66 милијарди евра.

Бугарскиот извоз за германскиот пазар порасна во 2016 за 12 проценти – наспроти десетпати помалиот раст на германскиот извоз за Бугарија. Тука е важно да се одбележи дека ова достигнување се должи во голема мера на новите германски претпријатија во бугарската економија, кои го извезуваат речиси целото свое производство за фирмите-мајки во Германија. Друг позитивен момент е поврзан со позитивното салдо од 124 милиони евра на германските инвестиции во земјата.

Иако новите капитални вложувања од Германија се за една четвртина помали во однос на 2015, има пресврт во тенденцијата која се појави во 2013 за повлекување на веќе направени инвестиции во бугарската економија. И упте еден позитивен момент: Над половината од германските инвеститори очекуваат во 2017 подобрување на стопанската коњунктура во Бугарија, а на прашањето „Дали би инвестирале повторно во Земјата?, 90 отсто од анкетираните даваат позитивен одговор – во споредба со 84 проценти од минатата година.

Главните проблеми

Најсериозниот проблем за германските фирми во Бугарија останува дефицитот на кваливикувана работна сила. Од една страна, над една половина од учесниците во анкетата на Германско-бугарската индустриско-трговска комора, се задоволни од цената на трудот во земјата, која бизнисот ја проценува за најниска во Централна и Југозападна Европа, по Албанија.

Од друга страна, инвеститорите всушност се среќаваат со се поголеми тешкотии при наоѓање на потребните работници и специјалисти. Според учесниците во анкетата, вина за тоа сноси состојбата како на средното професионално, така и на академското образование во Бугарија, кои се оценуваат како најнеквалитетни во целиот регион.

Кармен Штурк, заменик-раководител на Германско-бугарската комора, го гледа решението на дел од проблемите во дуалната обука и во отварањето на образовни центри кај некои од водечките германски претпријатија во Бугарија. Добри примери во тој контекст се фабриката на „Либхер“ крај Пловдив, и „Пиринтекс“ во Гоце Делчев.

Но, тие две ластовички не прават пролет, вели германската експертка.

Друг голем и главен проблем, кој ги одбива задграничните инвестиции е ситуацијата во бугарското правосудство. Годинава, германските претприемачи повторно даваат многу ниски оценки за правната сигурност во Бугарија, со што ја ставаат земјата на незавидното 12-то место – меѓу Македонија и Албанија.

И уште нешто многу симптоматично: 75 отсто од претпријатијата кои членуваат во Германско-бугарската комора изразуваат недоверба во болното прашање за транспарентноста на јавните набавки, а 90 проценти од учесниците во анкетата не го кријат своето сериозно незадоволство од резултатите во борбата против корупцијата. За споредба: во Романија, слично незадоволство искажале 62 проценти од германските инвеститори.

Би можело да ве интересира

Светската сила на работ на банкрот, лоши прогнози за животниот стандард во Германија

Порака од Германија: Сакаме да ја видиме Северна Македонија во ЕУ, сега е важно да се продолжи со уставните измени

Во Диселдорф експлодираше киоск, загинаа три лица, 16 се повредени

Горан Наумовски

Во Германија: Маж сексуално злоставувал девојче во двор на училиште

Германските тајни служби ќе можат да ја следат АфД за екстремистички активности

Горан Наумовски

Мистериозна смрт на девојче во Германија