Со самостојно царинење побрза и поевтина трговија во ЦЕФТА

Од:

Компаниите од земјите членки на ЦЕФТА да вршат самостојно царинење при извоз и увоз, со цел да се обезбеди  побрза и поевтина трговија, ќе овозможи примената на концептот Овластен економски оператор (ОЕО).  Треба да се воспостават контролни системи што ќе спречат евентуални злоупотреби.

За можностите и начините на создавање програма за ОЕО ЦЕФТА компатибилна со  ЕУ денеска на конференција во Скопје дебатираат деловната заедница и претставници на царинските управи на членки на ЦЕФТА (Македонија, Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Хрватска, Црна Гора), и од Австрија, Холандија, Велика Британија, Германија, Секретаријатот на ЦЕФТА.

Во Македонија постои регулатива за воведување на овластен економски оператор, но концептот не е заживеан. Се уште се работи на заживување  на т.н поедноставени царински постапки.

– Во 2012 година со царинските постапки  на локално царинење  со кое компаниите  сами царинат има достигнување од  скоро 40 проценти  извоз и 25 проценти увоз. Мора да работиме на зголемување на интересот. Пред се како царински управи ќе треба да работиме  на зајакнување на нашите  капацитети, да го оценуваме кредитниот ризик, постапките, и да влијаеме колку што можеме повеќе позитивно на економските оператори да ги почувствуваат бенефитите од овој концепт,  изјави директорот на Царинската управа на Македонија Ванчо Каргов.

Концептот овластен економски оператор во Европската унија е веќе заживеан, но не со голем интензитет. Повеќе, според Каргов,  се применува во поразвиените држави и таму компаниите веќе ги чувствуваат бенефитите. Се склучуваат меѓународни договори за меѓусебно  признавање на царинската контрола, ЕУ склучува со САД, САД  со Јапонија, што значи дека  економските оператори меѓу овие држави имаат ист третман, сопствената царинска контрола се признава како на другата, а тоа помага да се забрза и поевтини увозот и извозот, појасни Каргов.

Тој укажа дека за воспоставување на концептот ОЕО  е потребно да се воведат одредени контролни системи кои ќе обезбедат самостојно царинење што нема да дозволи злупоутреби.

Според Умут Ергезер, претставник на секретаријатот на ЦЕФТА, тој концепт е многу важен бидејќи со него може да се постигнат поставените цели за олеснување на трговијата во ЦЕФТА регионот и зголемување на економскиот развој.

Надлежните поткомитети во ЦЕФТА, појаснува Ергезер, работат и на елиминирање на нетарифните бариери.

– Оваа година имаме проект со ОЕЦД за помош за земјите-членки на ЦЕФТА во елиминирање на административните бариери што произлегуваат од царинското законодавство. Целта е да им се помогне на земјите од ЦЕФТА во справувањето со административните бариери поврзани со трговијата. Тоа е долг процес и не можеме да кажеме дека ќе ги елиминираме сите нетарифни бариери во текот на оваа година, бидејќи сите активности се долгорочни, изјави Ергезер.

Царинската управа на Македонија ја организира конференцијата како претседавач на Поткомитетот за царина и потекло на ЦЕФТА.

Би можело да ве интересира

Разговорите Кина-ЕУ за царината на електрични возила завршија со несогласувања

A1on

Спречен шверц на копачки, парфеми и облека

Спречен шверц на брендирани производи, цигари и девизи

ВМРО-ДПМНЕ: Парите што се краделе од СДС и ДУИ сега завршуваат во буџетот

Царинска управа: Спречен влез на 1,7 тони лекови штетни по здравјето на граѓаните

А1он

Богоев: Денот на Царината го одбележуваме со високи резултати во приходите, сузбивањето на криминалот и реформските процеси за забрзана интеграција во ЕУ