Поради блокада на возниот парк од страна на новиот управител на претпријатието заведен во централниот регистар на РМ, автотранспортното претпријатие „Млаз“ од Богданци со позајмени автобуси се бори за опстанок на последните линии Богданци-Гевгелија-Скопје.
Надвор од блокираната паркинг-зона на „Млаз“ останаа само три автобуса и два камиона, кои се недоволни за да се опслужуваат шесте автобуски редовни линии што му се доделени на претпријатието.
Веќе една недела се користат позајмени автобуси од гевгелиските превозници, автотранспортното претпријатие „Трансбалкан“, приватната туристичка и транспортна агенција „Дори“ и „Амиго“ од Негорци. Цената за изнајмување на едно возило е 15.000 денари и со тоа уште повеќе се отежнува должничката криза на А.Д. „Млаз“, која изнесува шест милиони евра главен долг и 20.000 евра дневно каматно задолжување.
Дали ќе опстојат и последните шест линии кон главниот град на државата што сега ги изведува некогашниот богдански транспортен гигант е неизвесно, бидејќи државниот транспортен инспекторат издал предупредување до Млаз и до другите превозници дека не смеат да се користат позајмени возила за остварување на сопствената транспортна дејност.
Неизвесноста продолжува дотолку повеќе што се работи за приватно претпријатие, каде што државните институции немаат ингеренции за деблокада на возниот парк, кој претставува капитал на фирмата со кој управува официјално заведен управител на фирмата од 24 април годинава, а тој нема пристап во просториите на „Млаз“ од страна на членовите на претходните управни тела во претпријатието.
А.Д.