Скопски „Бако нутс“ во преговори да го снабдува „Лидл“ во Србија со апетисани

Од:

Скопската компанија за производство, преработка и продажба на зрнести производи и суво овошје „Бако нутс“ преговара за зголемување на извозот, откако биле пуштени во погон машините набавени преку ИПАРД 2 програмата.

Компанијата засега, освен што го покрива македонскиот пазар, производите ги извезува во Косово и во Албанија, а во преговори е да почне да извезува во Босна и Херцеговина и во Србија.

„Капацитетот што го имав со старите машини ми беше фул за Македонија. Но со овој капацитет, со новите машини, можеме да правиме поголем извоз и преговараме. Преговараме со големи маркети во Босна, преговараме со ’Лидл’ во Србија, за да можеме целосно да го искористиме капацитетот“, вели сопственикот на компанијата, Омер Фејзулаи.

Тој објасни дека нивниот бизнис е фамилијарен, а почнале во 1943 година. На почетокот увезувале печена стока, но подоцна решиле да инвестираат, купиле машина која се уште ја имаат во фабриката и напредувале како што вели макотрпно, но успеале да се развијат. Со новите маишини Фејзулаи вели дека го подобриле квалитетот, а се отворил простор и за нови вработувања.

„Разликата во квалитетот е голема. Со старите машини производот е како печен, а со новата, која е сушара, само влажноста се вади од производот. Витамините и калориите остануваат во производот, тоа е многу битно. Многу ни се олесни работата и со новите машини за пакување. Отидовме многу напред и во производството и во квалитетот и во транспортот, доставувањето до муштериите, до маркетите“, вели сопственикот Фејзулаи.

Тој ги охрабри земјоделците да произведуваат затоа што има кој да им откупи производите, а им порача и да аплицираат за средства од ИПАРД 2 програмата за опрема, на ист начин како што направила неговата компанија.
„Многу лесно е да се аплицира и да се добие. Нема тешкотии. Треба само да имаш успешна програма и бизнис план. Земјоделците треба да се нафатат да инвестираат во земјоделска машинерија за да имаме македонски производ ние да го преработуваме и да извезуваме“, рече Фејзулаи.

„Бако“ преку ИПАРД2 има набавено линија за сушење, опрема за пакување јаткасти плодови со капацитет од еден до десет килограми, инструмент за мерење на воден активитет, гасен анализатор, а има користено и средства за изработка на деловен план и консултативни услуги. Вкупната исплатена сума за оваа инвестиција е 9.144.705 денари (околу 150.000 евра).

Денес во посета на „Бако“ беше Артан Груби, првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, заедно со претставници од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој кои искуството на „Бако“ го претставија како успешна приказна помогната од ИПАРД 2.

Би можело да ве интересира

Започна да се гради првиот „Лидл“ маркет во Скопје

Анита Петровска Рајковиќ

Лидл купи имот од Скопски пазар во општина Гази Баба

Горан Наумовски

Над 130 македонски компании на прва средба со Лидл за можна соработка

Димитриевски: Лидл е најголемата инвестиција во Куманово, се очекуваат над 150 вработувања во општината

А1он

Почна изградба на логистичко-дистрибутивен центар „Лидл“

А1он

Ковачевски: Македонија станува дел од „Лидл“ семејството