Северна Македонија умерено подготвена во областа на земјоделството и руралниот развој, оценува ЕК

Од:

Северна Македонија е умерено подготвена во повеќето области од земјоделството и руралниот развој. Добро ниво на подготовка има во делот на безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика, додека во рибарството, регионалната политика, координацијата на структурните инструменти и финансиските и буџетските одредби нема или бележи ограничен напредок, оценува Европската комисија во најновиот Извештај за напредокот на земјата што беше објавен вчера.

Според Комисијата, одреден напредок е постигнат и во сегментот на усогласување со правилата на ЕУ за заедничка организација на пазарот.

Во однос на руралниот развој, добар напредок е евидентиран во апсорпцијата на ЕУ фондовите (ИПАРД 2). До крајот на 2020 година исплатите надминаа четири милиони евра. Напредуваат и подготовките на ИПАРД 3 програмата. Од суштинско значење е кадровската екипираност на Платежната агенција на која треба да се поработи, а и националната политика за рурален развој треба да се усогласи со правото на ЕУ.

-Наредната година Северна Македонија треба особено да поработи на раздвојување на директните плаќања, како и на пренесување на фарм-регистарот и системот за идентификација на парцелите на Платежната агенција. Треба да се усвои и законска рамка за натамошно усогласување со правото на ЕУ во областа на заедничката организација на пазарот, како и да се вработи квалификуван кадар во ИПАРД-структурата, согласно обемот на работа, порачува Комисијата.

Во делот на безбедноста на храната и ветеринарната политика каде е евидентирана добра подготовка, се сугерира да се зајакнат капацитетите за собирање податоци, верификација и анализа на Агенцијата за храна и ветеринарство, да се подобри функционирањето и сигурноста на системот за идентификација и регистрација на животните, како и да се спроведат акции за постигнување одржлива употреба на пестициди.

Постигнат е добар напредок, смета Комисијата, особено во подобрување на здравствената контрола на растенијата, како и во контролните мерки за болести кај животните, но, нема подобрување во функционирањето и сигурноста на системот за идентификација и регистрација на животните, ниту на капацитетот за натамошно усогласување и спроведување на европската легислатива за зоолошко-технички прашања. .

-Согласно Кодексот за здравје на животните на Светската организација за здравје на животните (ОИЕ), Северна Македонија е земја без болеста чума кај овци и кози. АХВ спроведува активна програма за надзор на класична и африканска свинска чума, како и на болеста чвореста кожа, а го продолжи и спроведувањето на акцискиот план за благосостојба на животните. Националната програма за мониторинг од 2021 година за контрола на остатоци од ветеринарно-медицински производи и загадувачи кај живи животни и прехранбени производи од животинско потекло е во согласност со правото на ЕУ за говеда, овци, свињи, живина, аквакултура, млеко, јајца, диви дивеч и мед, се наведува во Извештајот.

Според Европската комисија, постигнат е добар напредок во пласманот на храна, добиточна храна и нус-производи од животинско потекло со усвојување на законодавството за имплементација согласно правилата на ЕУ. Сепак, допрва треба да се донесе ревидираниот закон за нус-производи од животинско потекло.

Во делот на рибарството и аквакултурата каде е нотирана умерена подготвеност, земјава треба да го усогласи Законот за рибарство и акхакултура со правото на ЕУ во областа на пазарната политика, структурните мерки и државната помош, да го подобри системот за собирање податоци и известување, како и да воспостави повеќегодишно програмирање на структурните мерки.

Административните капацитети за управување со ресурсите, инспекциите и контролата на рибарската политика не се недоволни. Треба да се подобрат капацитетите за контрола на илегален, непријавен и нерегулиран риболов согласно барањата на ЕУ. Северна Македонија треба да ги зајакне и капацитетите за формулирање и спроведување на политиката во оваа област, оценува Комисјата.

Би можело да ве интересира

Земјите членки на ЕУ ќе мора да ги проверуваат инвестициите надвор од еврозоната

Европската Комисија предлага почеток на нов европски дигитален граничен систем

Горан Наумовски

Лефков: Владата го зголеми Буџетот за земјоделство, фокус модернизацијата и наводнувањето

СДСМ: ДПМНЕ ги заглави субвенциите а се фали со мерките на СДСМ за јачменот, пченицата, грозјето

Земјоделците од штипските села се жалат дека немаат вода за наводнување на културите

Трипуновски: Љупчо Николовски доделил 2.5 милиони евра надвор од процедура

A1on