Семинар во Охрид за предизвиците и модернизацијата на даночниот инспекторат

Од:

„Предизвици и модернизација на даночниот инспекторат“ е главната тема на дискусија во рамки на семинарот за инспектори и даночни експерти од Управата за јавни приходи што викендов се одржува во Охрид.

Пред околу 250 инспектори, домашни и надворешни експерти и соработници од Јавното обвинителство, Царинската управа и Управата за финансиска полиција, директорката на УЈП Сања Лукаревска укажа на потребата од кадровски и организациски реформи на службата.

– Заеднички треба да се избориме и да докажеме пред сите дека не сме орган на репресија, дека не сме подложни на никакви притисоци, дека согласно закон ќе ги решаваме проблемите, ќе функционираме праведно, а не селективно, дека никој нема да го поштедиме ако затајува данок и ако не ги исполнува даночните обврски. Инспекторот е лицето на УЈП и со својата работа и пристап, секој граѓанин прави проценка за ефикасноста, успешноста и професионалноста на УЈП, истакна Лукаревска.

За собирот во Охрид, којшто се одржува по пауза од 11 години, Лукаревска оцени дека тој треба да стане пракса и да биде можност за да се укаже на слабостите во работењето на Управата, но и прилика за размена на искуства и споделување нови знаења.

Освен за практичните искуства и примената на законските одредби во делот на кривичната постапка, даночното затајување и соработката со Јавното обвинителство, на семинарот ќе стане збор и за новините во работата на Управата во делот на измените и дополнувањата на Законот за персоналниот данок на доход, специфичностите и пренесувањео на даночната обврска, примената и ослободувањето од ДДВ при реализација на проекти финансирани од странски донатори и ИПА фондови – Закон за данок на додадена вредност, фискализација, специфичности и контрола по видови даноци…

На тридневниот семинар се очекува да се обратат и директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски и директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми во врска со потребата и важноста од добрата соработка на службите.

Би можело да ве интересира

Поради зголемен прилив на ДДВ-04 пријави, системот Е-даноци работи забавено

УЈП очекува детали од Министерството за финансии за најавеното намалување на даноци

Констатирани неправилности кај шест даночни обврзници во општина Виница

ВМРО-ДПМНЕ: Парите што се краделе од СДС и ДУИ сега завршуваат во буџетот

Петрова ја презеде директорската функција во УЈП

Елена Петрова нов директор на УЈП, Бобан Николовски на Царинската управа