Препораките за забрзување на растот, фискална консолидација на среден рок, добро владеење и социјална кохезија, развој на човечкиот капитал, намалување на неформалната економија и др., а кои произлегоа од Конференцијата што Министерството за финансии ја организираше на почетокот на овој месец во рамки на Економскиот и финансиски форум (СЕФФ), денеска беа усвоени од Владата на редовна седница.
Од Министерството за финансии информираат дека меѓу поважните пораки е онаа дека закрепнувањето треба да се поврзе со три други предизвици: дигиталната економија, зелената економија и инклузивниот просперитет.
– Акцентот на среден рок треба да биде на: (1) инвестиции во човечки капитал кои обезбедуваат подобри вештини, придонесуваат за подобрена продуктивност и забрзан економски раст и ја намалуваат сиромаштијата и нееднаквоста; (2) зголемување на капацитетот на здравствениот систем и на стапката на вакцинација; (3) структурни, институционални и фискални фискални реформи (градење кредибилна фискална политика која ќе обезбеди фискална консолидација и резерви (бафери) за справување со идните предизвици и кризи). Исто така, беше препорачано и зголемување на капиталните расходи во јавниот сектор (инфраструктурата, поддршка на дигитална трансформација и зелениот раст), придружено со механизам за контрола што ќе ја зголеми ефикасноста и ефективноста на инвестициските проекти, посочуваат од Министерството.
Преку размена на искуства со владини претставници од земјава и регионот, претставници на меѓународни финансиски институции, бизнисот и невладините организации, потенцираат од Министерството за финансии, беа дизајнирани важни поенти, кои ќе бидат искористени во креирањето на политиките. Во рамки на СЕФФ, кој прераснува во форум за размена на идеи, препораките беа комуницирани и со бизнис заедницата, со која се одржува континуирана комуникација заради креирање подобро деловно опкружување.
Препораките од Конференцијата, кои се усвоени од Владата, како што посочуваат, ќе се вградат во Планот за финансирање на економското заздравување и забрзување на економскиот раст, кој е во завршна фаза на подготовка во Министерството за финансии. Исто така, стратешки документи коишто се значајни и треба да се финализираат до крајот на годината и се во контекст на Буџетот на РС Македонија за 2022 година се: Програмата за економски реформи, Стратегијата за управување со јавниот долг, Стратегијата за реформи на даночниот систем, Фискалната стратегија, планот за понатамошен развој на фискалната децентрализација, Акцискиот план за намалување на неформалната економија, Планот за управување со јавниот капитал, итн