„Гаранција за млади, пилот проектот на Владата предводена од СДСМ, покажува одлични резултати. За само три месеци од неговото спроведување се вработиле 419 лица, 196 почнале да посетуваат обука, а 160 почнале пракса во некоја компанија“, соопштуваат од СДСМ.
Во проектот кој се спроведува во три општини Струмица, Гостивар и градот Скопје досега се вклучени 1.532 лица на возраст до 29 години кои се невработени и непријавени во АВРМ.
„Целта на оваа мерка е младите да добиваат квалитетна понуда за вработување, натамошно образование, стажирање или практикантство. Сите овие се клучни за успешното интегрирање на младите во пазарот на трудот и намалување на одливот на образован кадар од земјата“, се вели во соопштението на СДСМ.
„Гаранција за млади е активна мерка за вработување на млади лица која се спроведува во државите од Европската Унија. Но, иако нашата земја сеуште не е членка на ЕУ, Владата започна со воведување на „Гаранција за млади“ и следење на европските младински политики со цел отворање на можностите за младите во Македонија.
Водејќи се од овие резултати, Владата на Република Македонија предводена од СДСМ е подготвена, од следната година да ја спроведе „Гаранција за млади “ како активна мерка за вработување, обука, тренинг и пракса на младите на цела територија на Република Македонија“, пишува во соопштението на СДСМ.