СБ: Северна Македонија продолжува со позитивни трендови во економијата, растот 3,1 отсто

Од:

Светска банка ја ревидира стапката на економски раст за годинава од 2,9 на 3,1 отсто. Во најновиот регионален извештај оценува дека Северна Македонија и Косово се единствените земји во регионот на Западен Балкан во кои има позитивни трендови кај растот за разлика од другите држави во регионот кај кои има забавување.

Како што беше посочено на денешната презентација на извештајот во Скопје, најголем придонес во растот има потрошувачката, а не инвестициите и нето извозот, кој иако расте, сепак, придонесот на увозот го намалува ефектот.

Во наредните години Светката банка очекува позитивни трендови и проектиран раст од 3,2 во наредната и 3,3 во 2021 година. Она на што предупредува во регионот е внимателност во зголемување на платите, кое нужно според Светската банка треба да биде проследено со зголемување на продуктивноста.

– Изгледите за економијата се умерено позитивни со годишен просечен раст што до 2021 година се предвидува да биде 3,2 отсто. Инвестициите, како јавните инвестиции во автопатите и приватните инвестиции во енергетиката и туризмот ќе бидат главни двигатели на растот. Тој ќе биде поддржан и од личната потрошувачка како резултат на зголемувањето на вработеноста и на платите, поттикнати од повисоката минимална плата што главно ќе ги погоди вработените во приватниот сектор. Нето извозот се очекува да го намали растот како резултат на одреденото намалување на надворешната побарувачка, стои во извештајот насловен „Растечка неизвесност“.

Директорот на Канцеларијата на Светска банка во земјава Марко Мантованели, посочи дека во извештајот се порачува на земјите од регионот, вклучувајќи ја и нашата, да се фокусираат на поголема фискална ефикасност и поефикасни јавни трошења, меѓутоа и создавање одредени фискални бафери во случај на влошување на надворешното опкружување.

Според Светска банка, она на што треба да се обрне внимание е владеење на правото, стурктурни реформи и создавање компетитивно опкружување кое ќе придонесе за иновации и продуктивност на приватниот сектор, бидејќи, како што истакна Мантованели, во извештајот се утврдува дека продуктивноста се намалува.

-Во Северна Македонија постои понатамошен тренд на раст кој продолжува, невработеноста се намали на историски најниско ниво и платите се зголемуваат, а земјата ја зголеми и минималната плата, што исто така, се преточува во зголемување на плати во делот на приватниот сектор. Зголемување на платите кога не е поддржано со зголемување на продуктивноста особено во секторите што се трудоинтезивни како земјоделството може да доведе до среден рок на намалена продуктивност. Така што препорачуваме платите да се зголемуваат паралелно со напорите за зголемување на продуктивноста, потенцира Мантованели.

Пораката е сите згоелмувања на минималната плата да бидат придружени нужно со зголемување на продуктивноста, истакнаа претставниците на СБ на презентацијата и додадоа дека во сите земји во регионот треба да се внимава на социјалните трансфери и платите во јавниот сектор кои во целиот регион имале раст.

-Ова се елементи што тешко се намалуваат кога ќе започне социјалниот циклус и битно е да се биде внимателен што можеме да си дозволиме во услови на висок раст, бидејќи во услови на низок раст овие трошоци ќе биде нужно да се намалат и тоа ќе биде тешко да се оствари, потенцираат од Светската банка.

Во извештајот се потенцира дека иако стапката на невработеност е на историски најниско ниво, постои загруженост што стапката на вработеност е споредливо ниска, а стапката на учество односно уделот на работоспособни луѓе на пазарот на трудот и бараат работа стагнира, така што нема унапредување и покрај силниот раст во изминатите две години.

-Преку активните мерки и програми се придонесе за намалување на невработеноста, а гледаме дека невработеноста и кај младите е намалена. Но и покрај сите напори постојат две прашања што треба да бидат земени предвид, а тоа е дека во одредени региони има повисоки стапки на невработенот и дека треба да се направат интервенции за да се вратат луѓето на пазарот на труд, а приватниот сектор да се мотивира да создаде работни места во овие области, порачаа на презентацијата.

Во извештајот се наведува дека продуктивноста е помала од она што може да се постигне и дека треба да се зголеми преку спроведување структурни реформи, подобрување на бизнис климата и подобрување на образованиот систем.

За стуктурните реформи Мантованели порача дека е важно малите економии да бидат мудри во услови кога надворешното опкружување е наоблачено и се надеваат дека мерките што се најавени кои за своја цел имаат зголемување на плати и пензии ќе бидат надополнети со приходни мерки, се со цел ова да биде фискално неутрално за да се одржи проосторот што досега е малку под влијание на ерозија.

Тој ја поздрави најавата на Владата во 2021 година да почне со консолидирање на фискалните дефицити и долгот.

Во извештајот се наведува дека годинава е зголемен јавниот долг и фискалниот дефицит како резултат на порастот на тековните расходи поради зголемување на платите, пензиите и на субвенциите и покрај умерениот раст на приходите.

Ова е презентација на 16. издание од серијата извештаи за состојбата на економиите во земјите од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Србија.

Би можело да ве интересира

Над 2.500 земјоделски и прехранбени производи се очекува да поевтинат со новиот закон за нефер трговски практики

Орце Костов

Работниците со ниски приходи ќе добијат 3.555 ваучери за туризам од 300 евра

Орце Костов

Субвенции за клими: За југозападна Македонија ваучери од 25.000 денари, за останатите 2000 помалку

Орце Костов

Путин: Русија ја престигна Германија и стана првата економија во Европа

Горан Наумовски

Николовски: Очекувам цена до 400 денари за тутун од прва класа и минимум за 20 отсто повисоки откупни цени за годинава

Секој граѓанин треба да плати за тоа што потрошил: Бектеши повика да се реши проблемот со струјата во Слупчане

Орце Костов