Во организација на Агенцијата за вработување на Република Македонија денеска во Кавадарци се одржа саем за вработување.
Директорот на Агенцијата Влатко Поповски рече дека саемите не се само начин на барање на работа, туку и начин за избор на идна професија. Тој истакна пред неколку години се почувствувала потреба од доближување на работодавачите, невработените и оние лица кои допрва треба да одберат образование. Се со цел, како што рече, да се намали бројот на невработени.
Вакви настани се организираат од 2014 година, ова е трет циклус на саеми.
– Соработуваме со работодавачите за подигнување на нивото на соработка со образовните институции. За сите оние кои ќе се образуваат, да имаат и соодветна пракса, за подоцна да имаат вработување и да бидат квалитетни работници, рече Поповски.
Тој соопшти дека во 2014 и 2015 година се примени над 21 работни биографии кај работодавачите. Според информациите од работодавачите од почетокот на 2016 година, над 2,5 илјади лица се имаат вработено благодарение на саемите. Сега, додаде тој, таа бројка е поголема.
Поповски нагласи дека секогаш им препорачува на родителите и на младите лица пред да одберат образование, да си направат прво еден тест за професионална ориентација.
– Се надевам дека во наредниот период се повеќе млади лица ќе се одлучуваат за техничките науки. Заситеноста од општествени науки е се поголема. Особено во последните неколку години има голем наплив на високообразовни кадри кои се од општествени науки кои се многу тешко вработливи, додаде тој.
Директорот на Агенцијата потсети дека во државата фалат занаетчии.
– Се трудиме да ги задржиме во живот старите занаети. За кратко време почнуваме со една нова мерка за нивно зачувување. На сите оние кои ќе завршат обука за стар занает, им гарантираме добивање на грант од по четири илјади евра за отварање на сопствен бизнис, по завршување на обуката.
Пред присутните се обрати и Благојчо Борисов, раководител на Центарот за вработување од Кавадарци, кој исто така нагласи дека ваквите традиционални саеми даваат добри резултати.