На 30. април истекува рокот за поднесување барања за директни плаќања за произведено и продадено овчо, козјо и кравјо млеко во периодот од октомври до декември 2012 година.
Барањата се поднесуваат до подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство каде што е извршена регистрација на земјоделското стопанство. Како доказ за продадено млеко се доставуваат откупни белешки издадени од преработувачки капацитети запишани во регистарот на одобрени објекти за производство на храна од животинско потекло, потсетува денеска преку соопштение Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Висината на поддршката изнесува 3,5 денари по литар и дополнителни 15 проценти за млеко кое е произведено на одгледувалишта со надморска височина поголема од 700 метри.
Агенцијата ги потсетува земјоделците и за можноста да поднесат барање за помош за премии за осигурување и тоа за осигурано примарно земјоделско производство со следните максимални површини: за лозови и овошни насади до 10 хектари, за градинарски култури до 2 хектари, за тутун до 2 хектари, за житни култури до 20 хектари и за пчели до 100 пчелни семејства.
Висината на поддршката изнесува 60 проценти од трошокот на премијата за осигурување, а барањата се поднесуваат до 30 август во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство каде што е извршена регистрација на земјоделското стопанство.