Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) работи на одобрување на Планот за развој на МЕПСО што се однесува за периодот од 2019 до 2029 година со кој се предвидуваат инвестиции од 150 милиони евра.
-Најголем дел од инвестициите ќе се реализираат од 2019 до 2022 година и ќе изнесуваат околу 100 милиони евра. Пред се ќе бидат за изградба на новата интерконективна врска со Албанија со што првпат директно ќе се поврземе електроенергетски. Тоа е од особено значење бидејќи ќе се формира коридор исток – запад односно Бугарија, Македонија, Косово, Албанија и Италија, а токму Италија е еден од најголемите увозници на електрична енергија во Европа, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимовски пред почетокот на денешната подготвителна седница.
Со тоа, како што потенцира, МЕПСО ќе остварува поголеми приходи од транзити на енергија кои би поминувале низ новата интерконективна врска, но ќе биде и добар предуслов за нови инвестиции во производни капацитети во нашата земја.
-На тој начин произведената енергија во Македонија ќе може да се извезува во Италија по драстично скратени преносни патишта и по помали трошоци отколку што сега се прави, посочи Бислимовски.
Со Планот за развој, додаде, се предвидува и изградба на нова 400-киловолтна трафостаница кај Охрид.
-Со тоа ќе се решат сите проблеми во однос на снабдувањето и квалитетот на снабдување со електрична енергија во овој дел од земјава каде во изминатите десеттина години често се случуваше да има поголеми испади, особено во Охрид, Ресен и Струга, рече Бислимовски.
Потсети дека МЕПСО ги достави до РКЕ правилата за балансирање со електрична енергија на кои регулаторот имаше забелешки и повторно ги врати на доуредување и допрецизирање на текстот.
-МЕПСО во моментов работи на нашите забелешки и верувам дека до крајот на месецов ќе ги одобриме правилата за балансирање и ќе стапат во сила. Во овој момент постојат правила за балансирање кои функционираат и не прават проблеми на учесниците на пазарот, но новите правила ќе бидат повеќе пазарно ориентирани и веруваме дека ќе доведат до намалување на трошоците за набавка на системски услуги кај МЕПСО и на трошоците за дебаланси кои ги предизвикуваат учесниците на пазарот, потенцира Бислимовски.