Ревизија на ТИРЗ: Странските компании добиваат државна помош со директни преговори и без транспаретни критериуми

Од:

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на работењето на технолошко индустриските развојни зони и пронајде низа пропусти и недоследности со кои се зголемува ризикот од злоупотреби со државната помош за компаниите и при царинскиот надзор на стоките кои се произведуваат таму.

Ревизијата истакнува дека странските инвестиции во ТИРЗ имаат позитивно влијание за стопанството но дека поради комплексната законска регулатива е отежната контролата и увидот во вкупно доделената помош по корисник во државата.

„Со извршената ревизија и анализа на Годишните програми на Владата на РСМ во периодот од 2017 до 2022 година, констатиравме дека активностите за привлекување на странските инвестиции во овој период не се вклучени во стратешките приоритети на Владата и за истото не е донесена Стратегија за привлекување на странски инвестиции, како што предвидува Законот за Владата на РСМ.
Државната помош се доделува како шема за помош или индивидуална помош за која е потребно одобрување од Комисијата за заштита на конкуренцијата. Во периодот од 2017 до 2021 година, Дирекцијата има доделено државна помош во вкупен износ од 4.641.728 илјади денари (75,5 милиони евра), од кои директно исплатените средства од Буџетот на РСМ изнесуваат 2.307.196 илјади денари (37,5 милиони евра), а даночните и царинските ослободувања се во износ од 2.334.532 илјади денари (38 милиони евра)“, стои во извештајот на ревизорот.

Извештајот констатира дека со Законот за контрола на државната помош не се предвидува транспарентни критериуми за определување на висината на индивидуалната помош за компаниите при што државната помош се доделува без проценка на исплатливоста за утврдување на нејзиниот износ, без утврдена методологија за доделување, а со преговарање помеѓу овластените лица во Дирекцијата и корисникот на помошта.

Извршените инвестициски вложувања од страна на Дирекцијата во сите зони со состојба на 31.12.2021 година се проценети во вкупен износ околу 100 милиони евра, но 6% од инвестицијата или шест милиони евра се потрошени на зони кои не се оперативни. Вакви вложувања во нефункционални зони се извршени во Гевгелија, Делчево и Кратово.

„Како резултат на не донесени стратешки и програмски документи, на површина од 153 ha или на 30% од вкупната корисна површина во периодот од 2012 до 2021 година од страна на Владата на РСМ основани се зони кои не се ставени во функција и не се оперативни и во кои од страна на буџетот на Дирекцијата се вложени средства за основната внатрешна инфраструктура и експропријацијата на земјиштето во вкупен износ од 393.686 илјади денари или 6% од вкупните инвестиции. Најголемите инвестициски вложувања во нефункционални зони се извршени во Гевгелија, Делчево и Кратово“, се вели во извештајот на ДЗР.

Врз основа на Одлука од Владата на РСМ со јавно приватно партнерство основана е ТИРЗ Тетово, при што договорот со приватниот партнер е склучен на 96 години, иако со законската регулатива е определено максималниот период да изнесува 35 години, сметано од денот на склучување на договорот.

Влијание врз законитоста и регуларноста на склучениот договор за јавно приватно партнерство во ТИРЗ Тетово, според ревизорот, има тоа што Дирекцијата во ТИРЗ Тетово има распоредено 7 лица кои не извршуваат работни обврски и не извршуваат активности поврзани со реализација на договорот за ЈПП.

Директорот на Дирекцијата нема назначени овластени лица од редот на вработените кои би вршеле надзор над ТИРЗ и над корисниците, како што е предвидено во Законот за ТИРЗ што може да влијае на ненавремена контрола, откривање и спречување во случај на незаконско работење на корисниците и го зголемува ризикот од работењето на корисниците особено во делот на вршењето на дејностите во зоните кои се забранети и кои можат да се проверат исклучиво со увид на лице место.

„Согласно регулативата основачот на зоната е должен да го загради, уреди и означи просторот на зоната и да обезбеди без надоместок простории потребни за работа на царинскиот орган. Констатиравме дека единствено во ТИРЗ Скопје 1, Царинската управа има воспоставен царински надзор со отворена Царинска испостава, а во останатите зони како и зоната основана со ЈПП во Тетово користат услуги од најблиската царинска испостава која вообичаено е лоцирана во најблискиот град, односно во самите зони не е воспоставен царински надзор“, се вели во извештајот.

Со ревизијата се истакнува дека е зголемен ризикот од можни грешки и злоупотреби при царинскиот надзор, особено имајќи ја во предвид оддалеченоста на некои од царинските испостави во РСМ од зоните, а притоа имајќи го во предвид фактот дека бројот на корисниците во 2022 година е зголемен, а со тоа и прометот на стоки кои влегуваат и излегуваат од зоните кои се ослободени од ДДВ при увоз на земјата како и царинските давачки.

Би можело да ве интересира

Универзалниот снабдувач избран без да се овозможи конкуренција, граѓаните ќе плаќаат милиони евра повеќе за струја

А1он

Запалени две диви депонии во тетовско

Влада: Веднаш по изборите да се подготват законски решенија за статусот на специјализантите по медицина

Штрајк на приватните специјализанти: Работиме 24 часа за 26.000 денари, а немаме ниту здравствено

Орце Костов

Од возило во движење пукано кон куќа во Тетово, нема повредени

Синдикатот бара повеќе кадар во Клиничка болница Тетово, недостигаат 400 вработени

Орце Костов