Првиот регионален форум на Источна Европа и Централна Азија (ЕЦА) за финансиска вклученост од утре до среда ќе се одржува во Скопје.
Организатори се Народната банка на Република Македонија заедно со Алијансата за финансиска вклученост (АФИ) и со поддршка на Федералното министерство за економска соработка и развој на Германија (БМЗ) и Секретаријатот за економски прашања на Швајцарија (СЕКО).
Програмата, како што информира НБРМ, е замислена како тридневен настан фокусиран на темата финансиска вклученост. На настанот ќе присуствуваат високи претставници од централните банки од регионот на ЕЦА со цел постигнување договор за исполнување на целите на регионалната платформа и создавање оперативна рамка која ќе ја зацврсти идната соработка на овие држави на полето на финансиската вклученост.
Форумот ќе се фокусира на унапредување на политиките за заштита на потрошувачите на финансиски услуги, како и за финансирање на малите и средните претпријатија. Ќе се одржат и сесии за прашања од областа на дигиталните финансиски услуги и создавање бази на податоци и показатели за мерење на нивото на финансиска вклученост.