Домашниот патнички и товарен железнички сообраќај од изутринава се одвива редуцирано поради прекинот со работа на машинскиот персонал во Македонски железници Транспорт ад Скопје.
– Во девет часот изутринава не тргна патничкиот воз на релацијата Скопје-Велес, а за останатите возови се уште не е пристигнато официјално известување, информираат од Железничката станица во Скопје.
Душко Чакаровски, претставник на Машинскиот персонал, за МИА изјави дека неисполнувањето на работните обврски е во знак на протест од доцнењето на исплатата на платата и, како што тврди, нејзино селективно зголемување на дел од вработените. Преку протестот бараат исплата на вториот дел од априлската плата и плата за мај и изготвување правилник за вреднување на работните места.
Чакаровски најави дека денеска ќе бидат пропуштени само возовите за Битола во 14:00 часот и за Гевгелија во 16:55 часот, како и меѓународните Белград-Скопје-Солун, како и Солун-Скопје-Белград.
– Доколку во меѓувреме не се постигне договор со раководството на компанијата и ресорното Министерство за транспорт и врски од утре ќе се пропушта само експресниот воз Белград-Скопје-Солун, изјави Чакаровски.
Тој рече дека во текот на денов очекуваат средба со новиот министер за транспорт и врски Горан Сугарески, со кого веќе разговарале по неговиот избор и му ги претставиле состојбите со доцнењето на платата. Со в.д. директорот на МЖ Транспорт ад Скопје Игор Коруноски, како што рече Чакаровски, немале средба од 12-ти минатиот месец, но му ја испратиле одлуката за прекин на работа што ја донеле на 31 минатиот месец.
Чакаровски истакнува дека зад прекинот на работата не стои синдикатот, туку претставници на целокупниот машински персонал.
Машинскиот персонал во МЖ Транспорт ад Скопје го сочинуваат 90 машиновозачи и околу 50 помошници.