Апсурдно е да се носат препораки за штедење струја во домаќинствата, а притоа да не можат поради административни сопки да се инсталираат фотоволтаични панели за да може и граѓаните да произведуваат електрична енергија, вели за „А1он“ професорот Димитар Димитров од Факултетот за електротехника и информациски технологии, кој работи на оваа проблематика.
Од почетокот на јули, според Правилникот за обновливи извори на енергија што го изработи Министерството за економија, граѓаните требаше да имаат можност непречено да поставуваат фотоволтаици на своите куќи со моќност од шест киловати.
Но, за само еден месец граѓаните наидоа на административен лавиринт.
– Не е доволно само да штедиме, туку треба да им се дозволи на граѓаните и да инсталираат фотоволтаични панели и ЕВН да им даде двонасочни броила. Постојните броила на ЕВН Хоум не можат да се користат за фотоволтаици. Но, ако граѓаните побараат нови броила од ЕВН, нема да ги добијат затоа што им треба решение за поставување фотоволтаични панели кое го издава општината каде што живеат. А, во општината ви бараат проектна документација за 10 м2 која чини околу 1.000 евра и ја сочинуваат неколку непотребни документи за ваква инвестиција. Само трошокот за ДДВ е 1.500 евра. Поради овие процедури и големите трошоци мислам дека нема да има повеќе од 8.000-9.000 граѓани кои ќе пројават интерес за инсталирање панели – вели Димитров.
Ако граѓаните ги инсталираат, а не можат да добијат броила, тогаш фотоволтаиците на нивните домови ќе бидат дивоградби. Според професорот од ФЕИТ, потребно е некој од надлежните да им каже на граѓаните дека процедурата може да биде многу поедноставна.
– Ако не може лесно да се донесе закон за фотоволтаици, тогаш нека донесат закон за легализација, а во меѓувреме ЕВН нека ги даде броилата – рече тој.
Димитров смета дека државата не создава можност граѓаните повеќе да инсталираат фотоволтаици чија електрична енергија ќе биде добредојдена и за ЕСМ во следниот период затоа што ќе има регулирана цена од РКЕ, а државата ќе заштеди неколку милиони евра.
– Во случај ЕСМ да не може да го снабди универзалниот снабдувач ЕВН Хоум со струја од домашно производство, ќе мора да купува струја на слободен пазар која е многу скапа во моментов и чини 0,5 евра за киловат-час. Но, има можност да го откупи и вишокот струја од фотоволтаиците на граѓаните. Таа струја ќе биде поевтина за 10% според правилникот за обновливи извори на Регулаторна комисија за енергетика.
Предвидувањата се дека околу 1.000 граѓани се подготвени да инсталираат фотоволтаици од шест киловати кои годишни ќе произведуваат по речиси 10.000 киловат-часови. На 1.000 домаќинства тоа се 10 милиони киловат-часови. Ако на берзата еден киловат-час е 0,5 евра, тоа значи дека ЕСМ или државата ќе заштеди во својот буџет пет милиони евра. За ова да се случи, мора под итно да се инсталираат панелите и да им се дадат броила на граѓаните – објасни професорот Димитров.