Признанија за најуспешните туристичко-угостителски субјекти

Од:

По повод Светскиот ден на туризмот 27 Септември, Министерството за економија денеска им додели признанија на најдобрите туристичко-угосителски деловни субјекти кои во претходната година придонеле за подобрување на туристичката понуда во Македонија. Наградени се вкупно  30   субјекти во седум категории, избрани од Секторот за туризам во Министерството во соработка со Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.

Во категоријата Најуспешни хотели во претходната година наградени се: Холидеј ин-Скопје, Инекс Горица-Охрид, Аурора ресорт и спа-Берово и Буши ресорт и спа-Скопје; во категоријта Нова туристичка понуда во хотелиерството: х. Изгрев од Струга, х.Русија од Скопје, х.Ибис од Скопје и х.Мираж од Струга; во категоријата Туристички агенции наградени се пет агенции од Скопје: Фибула ер травел, Карачи, Вардар-експрес, Торија и  Атлас корпорејшн; од Скопје се и наградените во категоријата Тур-оператори: Аса-тур оператор и Вас-тур; во категоријата Ресторани признанија добија: „Стара куќа“, „Воденица“ и „Твинс“ од Скопје, „Стоби“ од Градско и „Артениј“ од Гостивар, во категоријата Манифестации: Охридско лето, Тетовско културно лето и Скопско лето, Звуците на чаршијата и фестивалот ИФФК „Браќа Манаки“-Битола, и во категоријата Најдобро уредена плажа: градските плажи во Дојран и во Преспа, Голден бич од Охрид, плажата на хотел Дрим во Струга и плажата Версус, исто така во Струга.

– Ова е мал гест на почит кон субјектите кои придонесуваат за развој на туризмот во нашата држава и за бројките кои во последните пет-шест години се во пораст. Секторот за туризам во континуитет прави анализи за цела година за сите агенции во овој домен колку придонеле, колку туристи поминале преку нив и тие што биле најдобри се избрани, рече министерот за економија Беким Незири.

Соопшти дека во 2014 година бројот на туристи во однос на 2013 бил зголемен за 6,5 отсто, а бројот на ноќевања за 7,6 проценти. Туристичкиот нето девизен прилив лани бил 295 милиони долари и бележел зголемување од 2,3 проценти во споредба со 2013 година. Во периодот од јануари до јули 2015 година, рече Незири, бројот на туристи во Македонија е зголемен за 7,9 отсто во однос на истиот период во минатата година, а бројот на ноќевањата за 4,8 проценти.

– Особено успешен се покажа месецот јули во кој е регистрирано зголемување на вкупниот број туристи за 11,7 отсто, а бројот на ноќевања е зголемен за 8,6 проценти. Притоа, зголемувањето на бројот на странските туристи изнесува дури 16,1 отсто во однос на јули 2014 година. Сето ова укажува на фактот дека и оваа фискална година ќе оствариме поволен девизен прилив од туризмот и угостителството, рече Незири.

Директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот Кристијан Џамбазовски истакна дека странските списанија и портали специјализирани за туризам во последните неколку години ја рангираат Македонија помеѓу десет најатрактивни дестинации.

– Владата на РМ приоѓа кон турзимот како кон приоритетен сектор и веќе се преземени низа активности, со што Македонија станува се повидлива и бележи се подобри резултати. Тоа е резултат на агресивната кампања на Владата и на нашата Агенција, активно учество на саеми, странски тур-оператори и новинари, презентации во странство, субвенции и евтини линии, намалување на ДДВ од 18 на 5 проценти, што доведе до раст во туризмот во Македонија, рече Џамбазовски.

Во последните осум години, додаде тој, се бележи раст повисок од 100 проценти и доколку продолжи трендот, во 2020 година бројот на туристи во Македонија може да биде над 1,2 милиони, кои ќе остварат повеќе од 3 милиони ноќевања. Посочи и дека се зголемува бројот на патници на аеродромите во Скопје и Охрид, што се должи на чартер-летовите, но и на над 30-те линии кои ја поврзуваат Македонија со Европа и светот.

Наградите на најдобрите им беа доделени во комлексот „Македонско село“ во Нерези. На новинарско прашање министерот Незири одоговори дека Министерството за економија склучило договор со Секторот за општи и заеднички работи на Владата на РМ за примопредавање на овој објект и дека очекува за еден месец тој да премине во владение на СОЗР.

Светскиот ден на туризмот годинава се одбележува под мотото: „Милијарда туристи, милијарда можности“. Датумот 27 септември е востановен во 1980 година од Светската туристичка организација со цел да се подигне свесноста за туризмот и неговите општествени, културни и економски вредности. Според податоците на Светската туристичка организација, бројот на странски туристи низ светот е зголемен  за 4 проценти во првата половина на 2015 година.

Би можело да ве интересира

Угостителските услуги за една година поскапеле за 6,3 отсто

Угостителските услуги за една година поскапеле за 14.8 отсто

Горан Наумовски

Зголемени цените на угостителските услуги

За 0,5 отсто поскапеле угостителските услуги во ноември во однос на октомври

Ана Ололовска

Зголемени цените на угостителските услуги во октомври

Ана Ололовска

Бизнисот бара ревидирање на мерките

Ана Ололовска