Претседателот на ЕБОР Сер Сума Чакрабарти денеска ќе престојува во земјава во рамки на регионалната посета на Западен Балкан, а како подготовка пред Годишното собрание на ЕБОР што ќе се одржи следната недела во Сараево.
За време на престојот тој во земјава ќе се сретне со претставници на Владата и на бизнис заедницата.
Ова е прва посета на претседателот на ЕБОР по усвојувањето на новото име на земјата, кое, како што стои во соопштението, Банката го гледа како позитивен чекор кон привлекување инвестициите во регионот.
Чакрабарти ќе се сретне со премиерот Зоран Заев, Заменик вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот за финансии Драган Тевдовски, а ќе го посети и Скопје Сити Мол, првиот шопинг центар финансиран од ЕБОР во Северна Македонија.
Претседателот на ЕБОР, наведуваат во соопштението, ќе ја потврди посветеноста на Банката во однос на натамошните инвестициите во земјата и на Западен Балкан. Ќе ја истакне и позицијата на Банката како стратешки партнер на Северна Македонија, која до денес е водечки институционален инвеститор со 1.9 милијарди евра инвестиции во 150 проекти.
Банката со своите активности во Северна Македонија се фокусира на поддршка на конкурентен развој на приватниот сектор, зајакнување на безбедноста и одржливоста на енергијата, како и поддршка на поврзувањето и регионалната интеграција.
Минатата година, како што стои во соопштението, ЕБОР ги интензивираше активностите на Западен Балкан, инвестирајќи над 1.1 милијарди евра во 67 проекти. Банката планира да го задржи или за нијанса да го зголеми нивото на досегашните регионални инвестиции, наведуваат во соопштението.