Во Штип денеска прелиминарно беа доделени 91 стан за семејства кои припаѓаат во групата на социјално ранливите категории. Доделувањето на становите се изврши по електронски пат.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој присуствуваше на јавната прелиминарна електронска распределба на становите, информираше дека вкупно биле поднесени 156 барања од кои 131 биле комплетни.
– Морам да кажам дека оваа е прелиминарна распределба на становите. Комисијата во наредниот период ќе ги посети оние кои што добија станови, со цел да се спречи евентуална злоупотреба со лажна документација, истакна Јанакиевски.
Тој посочи дека сите кои имаат забелешки на распределбата од понеделник ќе може да извршат увид во документацијата.
Јанакиески најави дека следната година планирана е изградба на вакви станови и во Ресен, Скопје и Делчево.
Најголем интерес за решавање на станбеното прашање во Штип имаат самохраните родители. Најмногу граѓаните се интересираат за становите во населбата Сењак кои се со површина до 35 до 40 метри квадратни.
Проектот за изградба на станови за социјално ранливите категории на граѓани е програма на Владата на Република Македонија. Во рамки на проектот предвидена е изградба на 35 објекти во 26 градови низ државата со 1.753 станови. Планирано е сите станови да бидат изградени до 2014 година.