Извршено е проширување и реконструкција на зградата на Општина Сарај преку Проектот за подобрување на општинските услуги (МСИП), што го спроведува Министерството за финансии со поддршка на Светска банка.
На Општината и се доделени 13 милиони денари или 217.000 евра со цел општинската зграда да стане модерен и енергетски ефикасен објект, кој ќе овозможи подобри услови за работа на вработените и подобри општински услуги за граѓаните во општината.
Со проектот, капацитетот на зградата е зголемен за 325 квадратни метри, поставена се нова фасада, нова покривна конструкција и нови енергетски ефикасни прозорци, извршена е реконструкција на подната површина и е посатвена нова заштитна ограда по скалите во целиот објект.
На настанот по повод завршувањето на проектот присуствуваа министерот за финансии Фатмир Бесими и градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети.
Бесими посочи дека Министерството за финансии преку Проектот за подобрување на општинските услуги го додели заемот на општина Сарај по исклучително поволни услови од 13 години отплата со три години грејс-период и каматна стапка од шестмесечен Еурибор.
– Проектот за подобрување на општинските услуги, преку кои е реализиран проектот за општинската зграда на Сарај, е проект кој има за цел преку вложување во капитални проекти во општините да се подобрат општинските услуги, како и условите за живот во општината. Конкретно со овој проект во Сарај, ќе се подобрат општинските капацитети за опслужување на граѓаните во општината, второ ќе се обезбедат подобри услови за работа на вработените во општината и трето со подобрување на ефикасноста на градбата ќе се намалат трошоците за одржување, рече министерот Бесими.
Според него, Проектот за подобрување на општинските услуги е исклучително успешен, кој поддржал над 250 капитални проекти во сите општини во земјава. Станува збор за локална инфраструктура, како патишта и улици, водоводи, енергетска инфраструктура водоснабдување, канализација и одведување на отпадни води, енергетска ефикасност, изградба на детски градинки, зелени пазари, инфраструктура во индустриска зона, набавка на општинска механизација и опрема и други проекти значајни за подобрување на општинските услуги.
Тој посочи дека за успешноста на проектот говорат и податоците дека во услови на светска пандемија и економска криза во текот на минатата година имаше реализација од 98,75 отсто на капиталните проекти преку овој проект. Завршени се 43 капитални проекти во 37 општини во сите региони во државата, во вредност од над 10 милиони евра од кои директна корист ќе имаат околу 150 илјади граѓани. Во рамки на овие проекти се вклучени и проекти за опремување на училишта, опремување на градинки, изградба и реконструкција на локални патишта, на филтер станици, водоводни мрежи и други проекти кои придонесуваат за подобрување на општинските услуги.
Градоначалникот Беџети истакна дека со овој проект Општината и вработените добиваат простор каде ќе можат соодветно да ги извршуваат своите работни обврски. Граѓаните од Општината, исто така, добиваат соодветен простор, како и подобрување на општинските услуги. Истовремено, се намалуваат и трошоците за поправки и одржување.