Постигнат е договор помеѓу лозарите и винарската визба „Винеа” за исплата на грозјето, информира претседателот на регионалниот Сојуз на лозари „Агротиквешија”, Љупчо Аризанов.
Лозарите од Тиквешко неколку дена протестираа поради неплатено грозје блокирајќи го патот Градско-Прилеп кај Росоман.
– Денеска добивме писмена гаранција дека лозарите ќе ги добијат своите пари. Имено, претставниците на винарската визба „Винеа” која на лозарите им должи над 600 илјади евра дадоа ветување дека парите за грозјето од 2009, 2010 и 2011 ќе ги добијат до 5 март оваа година. Парите пак за ланското грозје се спогодивме да ги исплатат до законскиот рок, 30 април. Гаранциите беа дадени во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во присуство на министерот Љупчо Димовски и Румен Стаменов, директор на државниот инспекторат за земјоделство, соопшти Аризанов.
Тој посочи дека околу петнаесет лозари, кои биле на преговорите, изразиле задоволство од постигнатото. Сепак, одлуката дали ќе биде дигната блокадата ќе се донесе дополнително.