Земјоделците од битолскиот дел на Пелагонија почнаа со подготовки за заштита на земјоделските култури во зимски услови и пониски дневни температури.
Агро-експертите информираат дека во втората половина на декември, дневните и ноќните температури најчесто имаат негативни вредности и овошните дрва преминуваат во зимски одмор, а најпосветените овоштари може да ги искористат зимските месеци за зимски заштитни активности.
-Зимските, а и сите останати третирања против болести и штетници, не би биле доволно ефикасни, доколку физички не се отстранат гнездата во кои презимуваат гасениците или јајцата на штетниците. Кога ќе дозволат временските услови, потребно е да се испрскаат овошките со 2 проценти раствор на бордовска чорба против габични болести и против антракноза и дидимела кај малините и рибизлите. Овошките кои се нападнати од грини, лисни и штитоносни вошки треба да се испрскаат со минерални масла во соодветна концентрација на растворот, а младите овошки да се заштитат од зајаци со соодветни репеленти, советуваат битолски агро-експерти.
Во текот на декември, активни ќе бидат и градинарите, посебно оние кои се занимаваат со производство на расад за раноградинарско производство.
-Како што е познато, во декември почнува наѓубрувањето на леите во оранжериите и во леите во кои се планира подоцна производство на одредени сорти градинарски култури, а може да се посадат зелена салата и лук. Во деновите кои што се погодни за работа, потребно е да се подготви почвената смеса која што ќе се користи при пресадувањето. Градините треба да се исчистат од остатоците од претходните култури, посебно од кочаните од доцната зелка, каде што може да презимуваат штетниците. Овој период е соодветен и за ѓубрење со суперфосфати или калиумови ѓубрива, зависно од потребите на почвата, нагласуваат искусните земјоделци градинари