Петте најголеми банки во светот се очекува денеска да бидат обвинети за вршење криминални активности, како и да им бидат одредени парични казни со вкупна вредност од над пет милијарди долари, изјавија добро упатени извори.
Како што јави БТА, тоа се очекува да се случи во рамки на спогодбата со американските и британские власти, а обвиненијата и казните ќе бидат поради манипулации со монетарните пазари.
Се очекува американските банки „Ситигруп“ и „Џеј Пи Морган“ и британските „Барклис“ и „Ројал банк оф Скотланд“ (РБС) да бидат прогласени за виновни по обвинението за криминални дела, поврзани со манипулации на вонберзанскиот меѓународен монетарен пазар (Форекс).
Двете американски банки ќе бидат првите големи банки во САД, кои во изминатите децении ќе бидат обвинети за извршени криминални дела.
Швајцарската банка Ју-Би-Ес се очекува да ги избегне криминалните обвиненија, откако доби имунитетот, предупредувајќи го властите за евентуалниот проблем. Но, банката може да биде обвинета за криминална дејност, односно манипулации на просечната каматна стапка, која ги одредува каматите, според кои банките нудат негарантирани заеми на лондонскиот меѓубанкарски пазар (Либор).
Швајцарската банка ќе треба да плати казна од 200 милиони долари според договорот со американското Министерство за правда.