Осум компании заинтересирани за железничката пруга Куманово-Бељаковце

Од:

Осум компании доставија понуди на тендерот за рехабилитација на железничката пруга од Куманово до Бељаковце во должина од 30 километри.

За реализација на овој проект обезбедени се 45,5 милиони евра од Европската банка за обнова и развој. На тендерот се пријавија 16 компании, од кои осум доставија понуди.

Меѓу компаниите има по две од Грција и Австрија, и по една од Германија, Кина, Чешка и Турција. Од Грција понуди доставија „Актор“ и „Терна“, од Австрија „Штрабаг“ и „Пор“, од Германија „Вибер“, од Кина „Синохидро“, од Чешка „Субтера и од Турција „Ацилим“.

Највисока цена без попуст има понудено турската компанија Ацилим (58.319.595), а најниска германската „Вибер“ чија цена на понудата без попуст е 41.441.469. Можен попуст на понудената цена понудија „Вибер“ од 1.687.850 евра, кинеската „Синохидро“ 2 до 3 проценти на вкупната цена и „Сутера“ од Чешка која понуди три отсто попуст.

По денешното отворање на понудите следува периодот на евалуација по што се очекува да биде избран најповолниот понудувач со кој до крајот на годината ќе биде потпишан договорот.

Реновирањето на овој дел од железничката пруга, која е дел од Коридорот 8, ќе опфати поставување нови шини и прагови, изработка на осум моста од кои најголемиот ќе биде со должина од 120 метри, изградба на три станици и три објекти за сместување на постројките за регулирање на сообраќајот.

Со рехабилитацијата, надлежните очекуваат да се зголеми брзината на движење на возовите и поголема сигурност на патниците кои го користат овој вид сообраќај.

Ова е првата од вкупно трите делници за изградба на источниот дел на Коридорот 8 и железничкото поврзување со Република Бугарија. За останатите две делници од Бељаковце до Крива Паланка во должина од 36 километри и од Крива Паланка до Деве Баир во должина од 23 километри, се изготвува техничката документација.

Би можело да ве интересира

Бочварски: Правиме либерализација на железницата оти граѓаните плаќаат 25 милиони евра, а не добиваат услуги

Орце Костов

Попуштените мостови и расипаните возови не се пречка: Македонија ќе гради брза пруга од Скопје кон Ниш

Орце Костов

Владата ќе ги спасува Железници од банкрот: Ќе купи нови акции вредни 15,6 милиони евра

Орце Костов

Од 700 километри пруга, граѓаните користат 150: Државата ниту изгради ново, ниту модернизираше старо

Орце Костов

Втор ден не сообраќа возот на релација Велес-Прилеп-Битола и обратно

Директори им се закануваат на машиновозачите со откази наместо да делат плата: „Нашата плата е 23.000, а не 60.000 денари“

Горан Наумовски