Развојот на туризмот со искористување на природните вредности на Осоговските Планини треба да се насочи кон подобрување на условите за планинарење и за планински велосипедизам.
Тоа се заклучоците на членовите на Македонското еколошко друштво во текот на двегодишното работење на Студијата за развој на туризам базиран на природни вредности, што беа претставени на форумот што со невладини здруженија од регионот се одржа на Пониква.
– Двете активности можат да се извршуваат во текот на целата година, а посебно напролет и наесен. Осоговските Планини, заедно со планината Бистра, се најпогодни во Македонија за авантуристички и екстремен планински велосипедизам, па во тој правец треба да се насочат инвестициите за развој на туризмот, истакна Деспина Китанова од Македонското еколошко друштво.
Студијата што ја изработи Македонското еколошко друштво покажала дека Осоговијата нуди одлични услови за едукативен туризам, за чиј развој не се потребни значителни финансиски средства.
За време на форумот свои искуства од развојот на планинскиот велосипедски туризам на планината Беласица, на делот во Бугарија, пренесоа и гости од градот Петрич.
Средбата беше дел од прекуграничен проект што Македонското еколошко друштво го работи со партнерската организација Биолошка фондација за биоразнообразие од Бугарија, а во координација со германската фондација Еуронатур.