Да не се стигматизираат луѓето со Ковид-19. Ако живеат во згради и особено ако се повозрасни лица, станарите да бидат солидарни и да им помогнат – доколку е потребно да им испазарат, да им достават до дома прехранбени намирници или да им го изнесат сметот, порачува Организацијата на потрошувачи на Макдонија (ОПМ).
ОПМ денеска промовира три нови брошури – за управувањето во зградите и за комуналаните услуги (вода и смет). Притоа апелира, граѓаните да не оставаат се на институциите и градските служби, туку и сами да се погрижат за квалитетот на животот – да се однесуваат со почит кон ресурсите, да штедат повеќе вода, да не фрлаат ѓубре од балкон или во влез, да се грижат за хигиената и дома и надвор.
– Посебно сакаме да истакнеме дека во овие услови, на КОВИД, мора сите да носат маски. Мерките за заштита мора да се почитуваат. Мора да бидеме совесни. Кога некој се вози во лифт или е во продавница, не смее само да има маска и таа да му „виси“ под носот, на брадата, туку мора да му биде правилно ставена. Мора да водиме сметка не само за себе, туку и за другите луѓе, вели за МИА претседателката на ОПМ, Маријана Лончар Велкова.
Проблемите со јавните услуги, нагласува, постојано се тема на Советот за заштита на потрошувачите. Поплаки до ОПМ пристигнуваат, но не во голем обем.
-Од вкупниот број поплаки на граѓаните, на оние за јавни услуги отпаѓаат околу 25 – 30 отсто. Бројката секако не е занемарлива, но сметам дека мора да работат двете страни – и граѓаните на себе, но и институциите во однос на своите обврски. Периодов е актуелно тоа што многу граѓани добија високи сметки за вода и затоа нашата препорака е да ги читаа броилата. Исто така, не е решен проблемот со одложување кабаст смет, најчесто од луѓето кои живеат во куќи и ги уредуваат своите дворови, сечејќи трева или жива ограда. Сето тоа се фрла во контејнерите што не е најдобро решение. Можеби треба да се размисли за некоја служба која ќе биде на повик и ќе наплаќа за услугите на пример еднаш месечно, напоменува Лончар Велкова.
Според Мартина Грнчаревска од ОПМ, во однос на домувањето, граѓаните највеќе се жалат на бавното реагирање на управителите на зградите. Нема тековно одржување иако обврските се точно наведени во договорите и станарите редовно ги плаќаат. Долго се чека да се поправи лифтот, да се смени осветлувањето или да се поправи некоја инсталација.
-Во однос на комуналните услуги, граѓаните во овој период не само што се соочија со повисоки сметки за вода, туку на многу им беа доставени и застарени побарувања. Наш апел во ваков случај е да знаат каде да се обратат. Повеќето не реагираат веднаш во ОПМ, најпрво се обраќаат до комуналното претпријатие. Но, имаат опција да достават барање и до комунален инспектор што го има секоја општина. Слободно може да се обратат до нас, да им помогнеме околу креирањето на барањето, истакнува Грнчаревска.
Реакции на граѓаните многу често, додава, има и за преполнетите контејнери.
„Права и обврски на потрошувачите при користење на услугите на ЈП ‘Водовод и канализација – Скопје’“, „Управување со згради“ и „Кои се правата и обврските на потрошувачите за услугите кои ги дава ЈП „Комунална хигиена“, се трите нови брошури што ги изготви ОПМ. Нивната промоција се одржува во „Сити мол“,во рамки на Програмата за заштита на потрошувачите на Град Скопје и е согласно сите протоколи за заштита. Брошурите може во целост да се прочитаат на веб страницата на ОПМ. Организацијата на потрошувачи која, како што вели Лончар Велкова, не го поддржува т.н. црн петок, туку е единствено за зелен петок, на посетителите им подели и заштитни маски.