Во првите два месеца од годинава од двата аеродрома забележано е зголемување на бројот на превезени патници за 31,7 проценти. Најзастапени дестинации биле Истанбул, Цирих, Базел, Виена, Малме, Лондон и Минхен.
Како што информира Министерството за транспорт и врски, во јануари и февруари од аеродромот „Александар Велики“ во Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид се превезени вкупно 171.510 патници, додека во истиот период минатата година биле превезени вкупно 130.264 патници. На аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, во јануари и февруари 2015 година се регистрирани вкупно 168.418 превезени патници што во споредба со тој период од минатата година кога биле превезени 127.696 патници, се забележува зголемување од 31,9 проценти.
На аеродромот „Св.Апостол Павле“ во Охрид за периодот јануари-февруари 2015 година, се превезени 3.092 патници, што во споредба со овој период од 2014 година кога биле превезени 2.568 патници, се бележи зголемување од 20,4 отсто.
Од вкупниот број 15 проценти од патниците биле за Истанбул, 8,6 за Цирих, 6,4 за Базел, 6,3 за Виена, 6 проценти за Малме, 5,5 проценти за Лондон и 4,9 отсто за Михен.
– Забележаниот континуиран раст на бројот на превезени патници, како и бројот на компании кои оперираат со нови дестинации е резултат на Проектот на Владата за финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај. Во тој контекст позитивните политики за развој на воздушниот сообраќај ќе продолжуват да се применуваат и во наредните години, со цел промовирање на нашата држава како атрактивна туристичка и бизнис дестинација, наведуваат во соопштението од Министерство за транспорт и врски.