Оценка 2.91 за патувањето со воз, пругите „чекаат“ приватни оператори и ремонти

Од:

Железничкиот сектор во државава за годината што измина доби оценка 2.91 од патниците. Му се случија шест бојкоти со прекини на сообраќајот, а застои предизвикаа и оштетувањата од пожари на пругата кај Битола и напукнувањето на столбот на железничкиот мост на река Црна, кај локалитетот Стоби, што го блокираше товарниот превоз со Грција.

Новина за железницата е либерализацијата со законските измени што стапија во сила од 1 декември и се овозможи и приватни оператори да се вклучат во товарниот превоз, што често трпи штети од штрајковите што ги организираат синдикатите, претежно за исплата на плати.

На најголемиот дел од пругите, според надлежните институции, треба да се изврши ремонт, а од инвестициите за изградба на новата инфраструктура, се очекува да продолжат тековните активности на првите две делници од пругата кон Бугарија. За третата делница, од Крива Паланка до бугарската граница, пак, да се избере изведувач на градежните работи во третиот квартал годинава и работите да почнат во 2025 година. Проект во најава е и брзата пруга Ниш-Скопје, додека повторното железничко поврзување со Грција и преку ГП Меџитлија, се уште чека договор помеѓу надлежните железнички претпријатија во двете држави.

Поплаки дека нема информации за сообраќањето на возовите, за хигиената, издавањето билети

-Состојбата со услугите, согласно анкетите на испитаниците во 2023 година е оценета со 2.91 и е подобра од 2022 година кога е оценета со 2.76 на скала од 1 до 5, велат за МИА од Агенцијата за регулирање на пазарот во железничкиот сектор.

Главни забелешки и коментари од патниците се: немање информација дали возот ќе патува и од кога, повеќе вагони (во „ударни денови“ и викенд), нови возови, односно да се обноват превозните средства, хигиена (во самите возови, санитарни јазли и железничките станици).

Патниците бараат и издавање/продажба на билети во број колку што има слободни места во возот, можност за резервација на билети неколку дена претходно со нумерација по седиште, електронско купување на карти.

Нема пречка по нашите пруги да возат и приватни оператори

Со измените на Законот за железнички систем, што стапија во сила од 1 декември лани, сите заинтересирани оператори, домашни, но и странски можат слободно да работат во државава и да возат по нашите пруги. Приватните оператори ќе треба да склучат правен договор со ЖРСМ Инфраструктура за користење на пругите.

Постапката за работа на други оператори е предвидена во законите што ја регулираат дејноста на железничкиот систем. Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор како регулаторно тело е надлежна за издавање на дозвола за железнички превозник, која е во согласнот со регулативата на ЕУ. Управата за сигурност на железничкиот систем, пак, издава сертификат за сигурност на железничкиот оператор. Со исполнување на овие два услови правното лице се стекнува со право на железнички оператор.

Со либерализиацијата на пазарот се очекува зголемен обем во товарниот железнички сообраќај. Од Министерството за транспорт велат дека ќе се овозможи поголема искористеност на делот од Коридорот 10 како најзначаен транзитен коридор од Солунското пристаниште до Централна Европа и која е најбрзата и најевтината рута за железничките оператори.

-Тоа значи поголема искористенот на Коридор 10 која од економски аспект подразбира приходи во железничкото претепријатие и ова мора да го искористиме. Државниот железнички оператор кој што со години добива огромни субвенции, мора да се реформира и да биде конкурентен. Сите примери во другите земји во регионот покажуваат дека со отворање на железничкиот пазар зголемена е конкуренцијата и капацитетот на превозни средства а со тоа и обемот на работа. Ова очекуваме да се случи и кај нас во наредниот период, изјавија за МИА од Министерството за транспорт.

Со либерализацијата, посочуваат, се исполнува и препораката на Европската унија за имплементација на европското законодавство во делот на железничкиот сообраќај.

Во 2024 година со воз ќе се патува на четири релации, субвенции од 445 милиони денари за патничкиот превоз

Во возниот ред за 2023/2024 година се планирани возови во локалниот патнички собраќај на релациите Велес-Табановце и Табановце-Велес, Скопје-Гевгелија и Гевгелија-Скопје, Битола-Скопје и Скопје-Битола, како и Велес-Скопје и Скопје-Велес. Меѓународниот патнички воз Белград-Скопј -Солун и обратно се уште не во функција поради реконструкција на делот од пругата помеѓу Ниш и Брестовац.

Од ЖРСМ Транспорт АД Скопје за МИА информираат дека заклучно со крајот на ноември 2023 година со Железницата биле превезени 267 186 патници и реализирани 30.868.649 патнички километри, а во товарниот сообраќај се превезени 789.213 тони стока со 143.121.467 нето тонски километри.

Во патничкиот сообраќај со планот за 2024 година се предвидува да се задржат истите патници и патнички километри од 2023 година, а во товарниот зголемување за 10 проценти на превозот на стоки.

Генерираните приходи во патничкиот сообраќај во 2023 година заклучно со 31 октомври годинава изнесуваат 22.226.899 денари, а во товарниот изнесувале 380.032.107 денари.

Во буџетот на Министерството за транспорт и врски за годинава се предвидени средства за субвенционирање на патничкиот сообраќај на АД ЖРСМ Транспорт, во износ од 445 милиони денари.

Пругите ќе се обновуваат со 310 милиони денари, потребни ремонти на поголемиот дел

За реконструкција на постоечките пруги со буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2024 година се предвидени 310 милиони денари, средства што ќе ги менаџира надлежното претпријатие ЖРСМ инфраструктура.

Во анализите на надлежните сектори за одржување на пругите при ЖРСМ Инфраструктура, пругата Велес-Гевгелија е оценета генерално во добра кондиција, со тоа што на делниците од станица Велес до стојалиште Ногаевци и станица Дуброви до станица Миравци потребно е да се изработи ремонт. На другите делови на пругата Велес-Гевгелија направен е ремонт, при што дрвените прагови се заменети со бетонски прагови и пругата е во долг шински спој. Мостот на река Црна кој поради напукнат столб не е во функција од средината на ноември се санира и се очекува наскоро да биде во функција. Оттогаш не сообраќаат товарните возови со Грција, а патничкиот сообраќај се одвива со премостување, патниците од Градско до Криволак, се префрлаат со автобус, а потоа патувањето го продолжуваат со воз. Првичните проценки се дека штетите во товарниот сообраќај изнесуваат милион евра.

Според ЖРСМ Инфраструктура, општата состојба на пругата Велес-Битола-Жабени е во добра кондиција, но неопходен е ремонт на некои делови. Делот Битола-Жабени-граница Грција е ремонтиран со бетонски прагови. Се одржува редовно и ги задоволува критериумите за постоечкиот сообраќај.

Пругата Велес-Кочани, пак, е застарена со дрвени прагови и класичен состав на шините со различни типови и должини. Според ЖРСМ Инфраструктура, редовно се одржува и е во задоволителна состојба, а и покрај тоа што подолго време не сообраќаат возови на оваа делница, секогаш е проодна за шински возила. Потребни се ремонти на повеќе делници.

Оценката на Секторот за одржување Скопје (ЗОП Скопје), е дека состојба на пругата Табановци-Скопје генерално е во добра кондиција. Од Табановци до Куманово е направен ремонт и старите дрвени прагови се заменети со бетонски, останатиот дел од станица Куманово до станица Скопје шините се поставени на дрвени прагови и потребно е да се изработи ремонт.

Пругата Скопје-Велес од станицата Скопје до станица Зелениково исто така е генерално во добра состојба, додека делот од Зелениково до Велес на кој дел се вози со намалена брзина од максимум 20 километри на час, потребно е во што побрз рок да се изврши ремонт и старите дрвени прагови да бидат заменети со нови бетонски прагови и нови шини.

-Сектор ЗОП Скопје во рамки на своите можности работи на измена на дрвени прагови и шини на зголемување на брзината. Во генерално добра кондиција велат дека е и пругата граничен премин Блаце-Скопје, како и Ѓорче Петров-Кичево, иако на неа не се одвива железнички сообраќај. Пругите во Скопски Железнички Јазол кои се користат за железнички сообраќај се релативно во добра состојба, но потребно е да се изврши ремонт на поголем дел од нив, изјавија за МИА од ЖРСМ Инфраструктура.

Би можело да ве интересира

Норвешка: Воз излета од шините, најмалку едно лице загина

По еден ден прекин, попаднево повторно воспоставен железничкиот сообраќај во земјава

Димитриеска-Кочоска: Парите за пругата кон Бугарија не може да се пренаменат

(ВИДЕО) Воз излета од шините кај Волгоград, 100 патници се повредени

Николоски: Вработените во Железници и во Пошта ќе земат плата, полицијата и обвинтелството ќе истражува за нивната презадолженост

Воз прегази скопјанец кај булеварот „Србија“

Катерина Ѓуровски