Обесштeтувањето на депонентите од Еуростандард банка почнува утре

Од:

Фондот за осигурување депозити од утре треба да почне со исплата на обесштетувањето на осигурениот износ на депонентите на Еуростандард банка до законски утврдениот максимален износ од 1.850.889 денари.

Исплатата ќе се извршува преку Комеријална банка, НЛБ Банка, Стопанска банка АД Скопје и Халкбанк.

Според информацијата од Фондот, во Комерцијална банка ќе бидат обесштетени депонентите чие презиме почнува а буквите А, Б, В, Г и Д, преку НЛБ Банка ќе бидат обесштетени оние чии презимиња почнуваат на буквите Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л и Љ, на депонентите на кои им почнува презимето на М, Н, Њ, О, П и Р ќе се исплаќаат во експозитурите на Стопанска банка АД Скопје на целата територија и депоненетите со презимиња на буквите од С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ и Ш ќе се исплаќаат во експозитурите на “Халкбанк” АД.

Од Фондот појаснуваат дека депонентите – самостојни вршители на дејност со личен труд кои во Еуростандард банка АД Скопје во стечај биле регистрирани како ТП (трговци поединци) или адвокат Име Презиме или Извршител Име Презиме или со назив на дејноста, на пример, Месарница, своето обесштетување ќе го подигнат според првата буква од називо. Покрај документ за идентификација (лична карта, пасош) потребно е да се приложи и доказ за регистрација на стопанската дејност (тековна состојба).

Потврдите за сопственост на депозит ќе се издаваат директно во банките – исплатувачи, кога депонентот ќе дојде во банката да го оствари правото на обесштетување. За да се оствари правото на исплата на обесштетувањето, депонентот мора да ја подигне и потпише Потврдата на шалтер во банката исплатувач каде е распределен за подигнување на средствата.

Банките – исплатувачи ќе вршат исплата на средствата само на сопственикот на сметката/законскиот застапник/старател наведен во Потврдата, со приложување на важечки документи за идентификација.

Полномоштвата/овластувањата кои депонентите веќе ги имаат издадено за располагање со средствата на своите полномошници/овластени лица за депозитот во “Еуростандард банка” АД Скопје ќе важат и при исплата на обесштетувањето во банките-исплатувачи и нема потреба да издаваат нови полномоштва/овластувања за оваа намена.

-Во случај на спреченост депонентот лично да го оствари своето право на обесштетување, банките – исплатувачи ќе вршат исплата на средствата и на лице овластено врз основа на полномоштво заверено од нотар. Во случај кога сопственикот на депозитот е починато лице, неговите наследници треба да се обратат во Фондот за осигурување на депозити и да приложат документи за идентификација и наследно решение со цел да се спроведе исплатата на обесштетувањето, објаснуваат од Фондот.

Предмет на обесштетување се главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до 12 август 2020 година. Во случај кога депонентот има обврски кон банката, вкупниот износ на депозити на депонентот коишто се предмет на обесштетување се намалува за износот на неговите вкупни обврски кон банката.

Во случај депонентот да има активни блокади евидентирани во Единствениот регистар на трансакциски сметки, банката-исплатувач независно од износот на обесштетување, нема да изврши готoвинска исплата на средствата за обесштетување и ќе отвори трансакциска сметка на име на депонентот на којашто ќе изврши пренос на средствата за обесштетување.

Секој депонент ќе има на располагање 36 месеци, односно три години од денот на почеток на исплатата, за кога ќе биде во можност да го оствари своето право на обесштетување во банките-исплатувачи.

По истекот на овој временски период (3 години), депонентите односно нивните наследници кои од различни причини не можеле да го остварат своето право на обесштетување во банките – исплатувачи, исплатата на обесштетување ќе може да ја остварат преку Фондот за осигурување на депозити кој ќе обезбеди обесштетување независно од тоа кога депонентот ќе достави барање за остварување на своето право на обесштетување.

Народната банка ја затвори Еуростанадард банка на 12 август годинава поради неисполнување на минимални законски услови за работење. Треба да бидат обесштетени депозити во износ од околу 4,4 милијарди денари.

Би можело да ве интересира

Здружение на оштетени штедачи: И по три години нема одговорност за Еуростандард банка

Фондот за осигурување депозити со известување до депонентите на „Еуростандард банка” АД во стечај со право на обесштетување

Трета лицитација за зградата на Еуростандард Банка, најдобра понудата на Пантелеон ГС

За две години Финансиската полиција испратила 15 известувања со утврден криминал до Обвинителството за „Еуростандард“

Маја Илиевска-Пачемска

ЈО во врска со „Еуростандард“ банка: Јавното обвинителство е единствено надлежно да донесува наредба и да спроведува истражна постапка

Ана Ололовска

Асоцијација на банки: Не може за пропаѓањето на една банка да се обвини цел банкарски сектор

A1on