Новиот Закон за јавни набавки ќе го подобри квалитетот на набавките, ќе ја зајакне транспарентноста и контролата на постапките, а во исто време ќе ги направи поедноставни и полесни за имплементација. Бизнис заедницата, денеска на јавна дебата која се одржа во Струга, го поздрави новиот закон за јавни набавки во кој се вградени најголем дел од нивните забелешки.
Во новиот закон досегашното правило најниската цена да биде единствен услов за да може да се учествува на една јавна набавка се заменува со најдобра вредност, електронските аукции остануваат опционално со што се спречува можноста за незаконско договарање на понудувачите, а се стеснува и скратува периодот на забрана за учество во постапките по издадена негативна референца.
Новиот закон се очекува да има и позитивни резултати врз наредниот извештај кој Европската комисија ќе го даде за напредокот на земјава наредната година. Ова е многу важно со оглед на тоа дека Европската комисија имаше големи забелешки во делот на реформите на јавните набавки и овој закон е токму во таа насока.
Сепак клучната измена според домашната јавност е можноста сега да се вреднува и квалитетот.
“Во согласност со европските правила и пракса, новиот Закон дава можност покрај цената да се вреднува и квалитетот. При тоа договорниот орган зависно од предметот на набавка самиот ќе може да утврди дали како критериум ќе ја користи најниската цена, исплатливоста врз основа на животниот век на производот или најдобриот однос помеѓу цената и квалитетот. На пример кога набавувате хартија може како критериум да ја користите најниската цена, но во здравството, при набавка на опрема, лекови, секако дека важен е квалитетот“, објасни министерот за финансии, Драган Тевдовски.
Во делот на квалитет голем проблем беа и задолжителните електронски аукции, бидејќи голем дел од фирмите знаејќи дека на аукцијата ќе добие тој што ќе даде најниска цена се откажуваа од аукцијата.
Со новиот закон, електронските аукции остануваат, но опционално, конзистентно со европските правила и пракса.
Бизнис заедницата особено позитивно реагираше на мерката да се скрати периодот на забрана за учество во постапките по издадена негативна референца од една година на шест месеци. Ова ќе им овозможи на фирмите за многу пократко време да конкурираат на друг тендер.
Министерот за финансии како дел од реформите кои ќе се спроведуваат согласно законот го посочи и електронскиот пазар за мали јавни набавки. Тој ќе биде во вид на електронски каталог, што ќе овозможи брзо и ефикасно решавање на набавките од мала вредност кои се едноставни по својата природа.
Министерот за финансии рече дека идејата е оние производи се фреквентни да бидат изложени на овој пазар во каталози и институциите брзо да ги набавуваат.
Во минатото често се случувало да се набавуваат некои производи од помала вредност по цена која е многу повисока од малопродажната.
Директорот на Бирото за јавни набавки, Ѓорѓи Георгиевски, истакна дека предлог законот се базира на начелата на: економичност и ефикасност, конкуренција помеѓу економските оператори, транспарентност, еднаков третман на економските оператори и сразмерност.
– Јавно достапни ќе бидат сите понуди за набавката од страна на сите економски оператори кои учествувале во истата. Откако ќе заврши постапката, целата документација, освен оние делови означени како деловна тајна, има карактер на информации од јавен карактер. Ова дополнително ќе им помогне на фирмите да утврдат дали има основа за жалба по одредена набавка, објасни директорот.
Законот се очекува да биде усвоен во октомври, со што на бизнис заедницата им се остава доволен простор за забелешки.
Следната јавна дебата ќе биде во Штип на 2 март.