Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) реагираат до Министерството за економија да ги поништи тендерите за медиумска кампања.
Министерството за економија објави огласи за јавни набавки со кои бара фирма за изработка на медиумска и комуникациска стратегија и за посредување на закуп на медиумскиот простор. Според описот на јавната набавка, целта е да се склучи договор со приватна фирма за сума од околу 200.000 евра која потоа ќе ги изработи овие стратегии и ќе плати на онлаjн медиуми пари за кампања за промоција.
Партнерските организации ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ потсетуваат дека праксата за закуп на медиумски простор е забранета и во спротивност со Заклучокот на Владата од 24-та седница од 22.08.2017, a во согласно со мерката 6.1.2. од Планот 3-6-9, која се однесува на стопирање со владините реклами. Со овој заклучок се обврзуваат државните органи да престанат да емитуваат/рекламираат кампањи/спотови на платен простор во електронски комерцијални радиодифузери – телевизии и радија, дневни и неделни весници, билборди, интернет портали и сл. (со исклучок на социјалните медиуми).