Нов меѓународен стандард за заштита при работа, македонските компании уште не го имплементирале стариот

Од:

За три години сите компании во светот треба да го заменат актуелниот стандард за заштита при работа ОХСАС 18001 со новиот, понапреден ИСО 45001. Но, во Македонија многу е мал бројот на фирми што го имаат имплементирано и сертифицирано ОХСАС 18001, а уште помал е бројот на оние што се во фаза на имплементирање на ИСО 45001, беше речено денеска на прес-конференција во Стопанслата комора на Македонија.

ИСО 45001 е објавен во јули годинава. Неговото воведување е на доброволна основа, а значи голема придобивка за компаниите зашто овозможува воспоставување, одржување и подобрување на здравјето при работа. Наменет е за компании/организации со мал или низок ризик на оперативни активности, но и за бизнис со операции од висок ризик. ИСО 45001 е меѓународно признат и целосно усогласен и интегриран со стандардот за квалитет ИСО 9001, со ИСО 14001 за животна средина, како и со сите други менаџмент стандарди кои во моментот се развиваат.

– Ги повикуваме компаниите и ја нагласуваме потребата од овој стандард особено што земјава е се поистрајна во настојувањето да биде дел од ЕУ, која без преседан, почитувањето и примената на стандардите, секогаш ги става на прво место, истакна Емилија Тодоровска од Стопанска комора.

Според неа, ИСО 45001 е рамка за системско управување со ризиците при работа: спречување смрт, повреди поврзани со работата, лошо здравје предизвикано од природата на работата. Овозможува безбедна и здрава работна средина за сите вработени. Практично, нуди широк спектар бенефиции: глобализација (ставање на компанијата во елитна категорија на бизниси), подобрување на бизнис перформансите, создавање најдобри практики, идентификација на опасности и ризици, пониски премии за осигурување, поголема ефикасност и конкурентност.

– До 2030 година ќе се отворат нови 40 милиони работни места што значи дека намалувањето на процентот на инцидентите предизвикани од повреди при работа ќе биде значајно. Тоа повлекува примена на најдобри практики, односно воспоставување стандард што во основа го има подобрувањето на здравјето и безбедноста при работа, укажа Тодоровска.

Статистиката на Меѓународна организација на трудот (МОТ) покажува дека секои 15 секунди работник умира од несреќа или болест поврзана со работата, а 153 лица доживуваат повреди на работното место. Секој ден 6.300 луѓе умираат како резултат на несреќи при работа и болести поврзани со работата или има повеќе од 2,3 милиони смртни случаи годишно. Вкупно 317 милиони несреќи на работа се случуваат годишно и многу од нив резултираат со продолжено отсуство од работа.

Економскиот товар, пак, на слабите практики за безбедност и здравје при работа се проценува на четири отсто од глобалниот бруто-домашен производ секоја година.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Со бизнисот ќе се заокружи инвестициска активност од 700 милиони евра, да креираме систем кој ќе донесе подобра иднина и повеќе работни места

Централната власт е најголем подмитувач на бизнисот тврди Стопанската комора

Катерина Ѓуровски

„Бехтел и Енка“ бара од Стопанска Комора да им обезбеди 4.000 работници за работа на автопатите

A1on

Владеењето на правото и борбата против сивата економија и корупцијата, клучни проблеми за бизнисот

Ковачевски: СДСМ заедно со бизнис секторот ќе ја исполни целта за европска и развиена економија

Стопанската комора поднесе Иницијатива за уставноста на Законот за данок за солидарност