Јапонскиот производител на автомобили Нисан денеска соопшти дека поднеле граѓанска тужба против поранешниот главен шеф Карлос Гон, со која бараат отштета од 10 милијарди јени (91 милиони долари).
Финансиските штети се поврзани со „прекршување на доверба од Гон како директор на компанијата и негова злоупотреба на ресурсите и средствата на Нисан“, наведе вториот по големина производител на автомобили во Јапонија.
Побарувањето за отштета е пресметано врз основа на трошоците направени откако е утврдено за „Гон и неговите корумпирани практики во текот на многу години“.
„Големината на побарувањето за отштета се очекува да се зголеми во иднина, бидејќи Нисан бара враќање на казните што ќе бидат платени на Јапонската агенција за финансиски услуги и најверојатно казни изречени на компанијата во кривична постапка поврзана со лошо однесување на Гон“, се додава во соопштение од Нисан.
Гон, кој некогаш ја водеше корпорацијата Рено-Нисан-Мицубиши Моторс, кон крајот на декември избега од Јапонија во Либан. Либан нема договор за екстрадиција со Јапонија.
Гон беше уапсен во ноември 2018 година и е обвинет за кршење на довербата и фалсификување финансиски документи за да ги намали приходите. Поминал вкупно 130 дена во притвор во Јапонија.